Пијанистот Симон Трпчески ја најавува и македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“, пет години по светската премиера престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија.
Првата изведба ќе се случи на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет, а следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола на 26 септември.
Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.
Тимот на „Македонисимо квинтетот“ го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Сите три изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.
Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“.