Граѓаните на Германија сѐ повеќе го сфаќаат и го прифаќаат како неминовност степенот на претстојните зголемувања на цените на енергијата. Тие сериозно и одговорно ја намалуваат потрошувачката на енергентите. Граѓаните одат дотаму што во своите редовни активности калкулираат практики за помалку бањање и пократко туширање, целосно да ја намалат употребата на клима-уреди, а топлите јадења да се заменат со ладни закуски…
Како граѓаните на Германија се борат да заштедат енергија
Градската катедрала во Келн, која е најпосетувана туристичка атракција во Германија, повеќе не е осветлена ноќе. Овој потег е еден од највидливите знаци дека се наѕира масовна енергетска криза поради намалувањето на енергетските испораки од Русија поради конфликтот во Украина. Градот сега ноќе ги исклучува светилките на повеќе од 130 јавни објекти, а од 23 часот ќе се затемнуваат и уличните светилки. Келн почна да штеди за да ја намали потрошувачката на енергија за планираните 15 отсто, регулатива што беше пропишана од Европската Унија (ЕУ).
Пократко туширање, помалку готвење топли јадења…
Неодамна германските потрошувачи дознаа колку дополнително ќе треба да платат за гас во зимските месеци. Зимската доплата за гас, која ќе стапи во сила во октомври за германските домаќинства и бизниси, беше утврдена на 2,4 евроценти за киловат-час. Министерот за економија Роберт Хабек процени дека давачката на крајот ќе чини „неколку стотици евра по домаќинство“ годишно. Пред два месеца, Хабек предупреди дека Германија се соочува со тешка есен и зима. Тој апелира до јавноста помалку да се бања, да се тушира само пет минути и целосно да ја намали употребата на клима-уреди.
Александер Зех, управен директор на гигантот за водоводна опрема „Грое Германија“, изјави за „Дојче веле“ дека побарувачката за уреди за заштеда на вода значително се зголемила во последните недели.
Анкетите покажуваат дека Германците ја разбрале пораката: со солидарност за Украина, но најмногу за заштита на сопствените паричници. Луѓето низ земјата веќе се тушираат пократко, со постудена вода, ја ограничуваат потрошувачката на енергија на своите компјутери и телефони, а ги заменуваат готвените вечери со ладни закуски.
Се интензивираат барањата за енергетски консултанти
Во моментов, најбарани луѓе во цела Германија се чини дека се енергетските консултанти. Селија Шутце е една од 13.000 такви консултанти во земјата, која ја основа Агенцијата за енергетика во Бон пред десет години, а сега ја извршува функцијата управна директорка. Во првиот квартал од 2022 година, таа соопшти дека агенцијата имала 70 отсто поголем обем на барања од вообичаено.
Од Агенцијата ги презентираат основите на фотоволтаиците, советуваат за изолација на зградите и објаснуваат сè за топлинските пумпи. Шутце рече дека делумно постои чувство на беспомошност. Многу луѓе на почетокот немаат идеја каде е нивната најголема потрошувачка. Исто така, многу луѓе долго време мислат дека нивното греење на гас е ефикасно и во согласност со климатските политики. Но тоа воопшто не е точно, бидејќи секој систем за греење со гас користи и фосилни горива.
Според Шутце, нејзината прва препорака до поединците е да внимаваат на сè што не користат секој ден, а можеби сè уште троши енергија. Таа ги советува Германците да применат едноставни методи, како намалување на греењето за само еден степен, што заштедува шест отсто од потрошувачката на енергија.
Поголем акцент се става на подобрување на изолацијата и енергетската ефикасност на објектите
Долгорочната цел, според Селија Шутце, во сите нејзини консултации е климатската неутралност. Бон, како и многу други градови, прогласи цел да биде јаглеродно неутрален до 2035 година, односно да се оддалечи од јагленот, нафтата и од гасот. Но дали може цела Германија да го стори истото тоа?
Откако германското министерство за енергетика реши да продолжи употребата на јаглен во термоцентралите, Шутце советува поголем акцент да се стави на подобрување на изолацијата и енергетската ефикасност на објектите. За жал, условите за финансирање за реновирање на зградите во Германија штотуку се влошија. Токму реновирањето е многу добра можност за ефикасно поставување и користење на топлинските пумпи. Шутце смета дека е потребна институционална поддршка за советодавните агенции, без разлика дали се регионални или потрошувачки центри.
Подготвил: Mарјан Велевски