Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика меѓународната заедница да не покаже „никава слабост, дух на компромис“ пред Русија, ветувајќи дека „западните земји ќе ја поддржат Украина долгорочно“, јави дописникот на МИА од Париз.
– Не можеме да имаме никаква слабост, никаков дух на компромис, бидејќи се работи за нашата слобода и мир во сите делови на светот – рече Макрон во видео пораката до самитот „Кримска платформа“, кој ги обединува главните држави кои ја поддржуваат Украина.
Многу земји, од Африка до Азија, се држат до политиката на неутралност со тоа што се воздржуваат од осуда на Русија. Во Европа, некои земји како Унгарија, исто така, одржуваат важни врски со Москва, особено во енергетиката.
Макрон уште еднаш ја повика Русија „да ги прекине непријателствата, да ги повлече своите трупи од целата украинска почва и да избере дипломатија за обнова на мирот“.
Тој додаде дека Европејците се подготвени да ја поддржат „борбата на Украина на долг рок“.
– Франција и Европската унија, со многу сојузници и пријатели на Украина, го прават она што е неопходно за да ја поддржат вашата борба. Нашата определба не се промени и ние сме подготвени да го одржиме овој напор со текот на времето – истакна Макрон.