Владата на Република С.Македонија има максимални 100 проценти активна транспарентност од можни 100, односно ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност, согласно редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации.
Индексот за активна транспарентност ги рангира сите институции во државата на локално и на централно ниво од 2016 година. Владата од 25% транспарентност во 2016 година, денес, согласно рангирањето има целосна, односно 100 процентна транспарентност заедно со Министерството за одбрана, кое пак од 45-то место со 47,6 проценти на почетокот на мерењата, последните две години достигна прво место со максимален процент.
Според годишното рангирање, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2022 година изнесува 73 проценти и во однос на минатата година, кога изнесувала 63 проценти, е подобрена за десет процентни поени. Својата активна транспарентност годинава ја подобриле дури 81 одсто од институциите. Активната транспарентност на министерствата и на Владата изнесува 85 проценти, а на општините 70 проценти. За разлика од лани, министерствата се подобриле за шест процентни поени, а општините за десет.
Владата на Република С.Македонија продолжува посветено да работи на сочувување на транспарентноста и редовно и навремено да ги објавува информациите од јавен карактер што е и еден од нашите врвни приоритети. Активната транспарентност е најдобра превенција од корупција.