Фото: Маја Јаневска-Илиева

Албанија неодамна ги почна преговорите со Европската Унија, а токму почитувањето на малцинските права е еден од најважните критериуми на патот кон ЕУ. Но дали овој почеток на преговори ќе значи и нов почеток за Македонците во Албанија, кои со години и децении се фрлени на маргините на општеството без права и елементарни услови за живот. Македонците од областите Голо Брдо и Гора денес немаат ниту еден советник во општинските совети на Булќиза и Кукс, а на прсти може да се избројат оние што се вработени во локалните самоуправи. Во областите каде што живеат Македонци нема речиси никакви инвестиции, па проблемите со недостиг од водовод, канализација, патишта, електрична енергија и понатаму се присутни. Наспроти тоа, албанското малцинство во Македонија ги ужива сите можни права, па дури во Македонија се чувствува и тренд на мајоризација на малцинството над мнозинството

АЛБАНИЈА ГИ ПОЧНА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, НО ГИ ЗАБОРАВА МАЛЦИНСКИТЕ ПРАВА

Албанската влада во јуни 2015 година спроведе нова административно-територијална поделба, со која беа укинати општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, кои сега се приклучени кон општината Булќиза, како и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се во рамките на општината Кукс. Со новата административна поделба, единствена македонска општина во Албанија остана само општината Пустец, во областа Мала Преспа.
Македонското малцинство во 2014 година побара од албанската влада да ги земе предвид неговите барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора, но неговите молби и претставки не беа земени предвид. Веќе неколку години македонските друштва и организации во Албанија предупредуваат дека со постојната организација на локалната власт, областите каде што живеат Македонците остануваат неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа се отежнати. Македонците од Голо Брдо и Гора неколкупати укажаа дека постојната административно-територијална поделба е чекор назад во почитувањето на малцинските права во Албанија. Неодамна Албанија ги почна преговорите со Европската Унија, а токму почитувањето на малцинските права е еден од најважните критериуми на патот кон ЕУ. Дали сега нешто ќе се подобри во однос на македонското малцинство во Албанија, останува да видиме.
Инаку, прашањето за административно-територијалната поделба повторно е актуелно во албанското општество, особено ако се земе предвид дека многумина укажаа на нефункционалноста на оваа територијална поделба. Во рамките на албанското собрание е формирана посебна комисија „За административно-територијална реформа во Република Албанија“.

Неколку македонски друштва и организации во Албанија, вклучувајќи ги и македонското друштво „Илинден – Тирана“ и македонското друштво „Илинден – разгранок Голо Брдо“, повторно го актуализираа барањето од 2014 година за изменување и дополнување на Законот за општините, со формирање две општини – општина Голо Брдо и општина Гора. Никола Ѓурѓај од друштвото „Илинден – Тирана“ за оваа проблематика вели дека градоначалниците не треба да бидат именувани од албанската влада, туку да бидат избрани од граѓаните. Според Ѓурѓај, на овој начин ќе се овозможи непосредно решавање на локалните проблеми, но ќе се зголеми и довербата на граѓаните во системот.
Претставниците на македонското малцинство презедоа и конкретни активности за реализација на нивните барања и потреби. Васил Стерјовски, претседател на македонското друштво „Сонце“, и Едмонд Османи, потпретседател на македонското друштво „Мост“, од собраниската комисија за територијална реформа во Албанија, официјално побараа формирање општини Голо Брдо и Гора. Васил Стерјовски исто така побара, во име на Македонците од Мала Преспа, која е единствена македонска општина во Албанија, да се преименува во Преспа, бидејќи Пустец е само едно од деветте села во оваа област.
Според Васил Стерјовски, Македонците од областите Голо Брдо и Гора денес се најмалку претставувани, зашто немаат ниту еден советник во општинските совети на Булќиза и Кукс, а на прсти може да се избројат оние што се вработени во локалните самоуправи. Нема речиси никакви инвестиции, па проблемите со недостиг од водовод, канализација, патишта, електрична енергија и понатаму се присутни.

Можеби е единствен пример во светот оној на жителите од административната единица Требиште, област Голо Брдо, кои, поради недостиг од асфалтни патишта, мораат да минат преку двата гранични премина со Македонија, за да стигнат до Булќиза за одредена услуга. Идентична е состојбата и со жителите на Борје и Шиштевец, област Гора, кои минуваат преку два премина со Косово, за да стигнат во Кукс – вели Стерјовски.
Македонското малцинство досега неколкупати посочи дека поради непостоењето на минимални услови за нормално живење, голем број Македонци се населуваат во Елбасан, Драч, Кукс, Тирана, како и надвор од Албанија, со што се намалува бројот на Македонците во Голо Брдо и другите области. Д.Ст.