Фото: Игор Бансколиев

Новиот селектор ќе го има првиот предизвик на гостувањето во Данска, на 25 август, во претквалификациите за пласман на ЕП 2025. Првиот меч дома како селектор, Јончевски треба да го има три дена подоцна, на мечот со Словачка. Во квалификациската група е и Норвешка

КОШАРКА

Александар Јончевски е новиот селектор на сениорската репрезентација на Македонија, одлучи раководството на Македонската кошаркарска федерација (МКФ). Тој доаѓа на местото на Драган Бајиќ, откако тој и КФМ се спогодија да ја прекинат соработката. Новиот селектор ќе го има првиот предизвик на гостувањето во Данска на 25 август во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Првиот меч дома како селектор, Јончевски треба да го има три дена подоцна, на мечот со Словачка. Во квалификациската група е и репрезентацијата на Норвешка.
Јончевски е тренер што повеќе години е дел од стручниот штаб на репрезентацијата, а на позицијата селектор доаѓа како асистент-тренер во стручниот штаб во кој во изминатиот период беше Бајиќ, првпат беше асистент во националниот тим на Марјан Лазовски во квалификациите што се одржаа во Венецуела за пласман на Летните олимписки игри во 2012 година, потоа му помагаше и на Марјан Србиноски на ЕП 2015 во Хрватска, а претходно беше и во тимот соработници на селекторот Јорданчо Давитков, пишува КФМ на својата интернет-страница.
Во работата со репрезентацијата на Јончевски ќе му помагаат Никола Василев, актуелен селектор на машката селекција на Македонија за кошаркари до 20 години, Никола Велев, кој е асистент-тренер во селекцијата до 18 години за мажи, како и Сашо Пецев, кој ќе биде задолжен за кондициската подготовка, објави КФМ.
Досега македонската кошаркарска репрезентација ја водеа 15 тренери, Давитков и Марин Докузовски два наврата, а по еднаш Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Србиновски, Драган Раца, Александар Тодоров и Бајиќ.