Фото: Игор Бансколиев

ФА доби одобрение од телото за донесување закони во фудбалот, Интернационалниот борд на фудбалската асоцијација (ИФАБ), за да ја тестира во пробен период забраната за играње со глава во избрани натпреварувања и лиги во помладите категории во претстојната сезона. Доколку успее, ФА ќе поднесе барање до ИФАБ за промена на законот, за забрана за играње со глава на ниво под 12 години од сезоната 2023/2024

ФУДБАЛ – НОВ ЧЕКОР

Намерното играње со глава по две сезони може да биде забрането во фудбалот за деца под 12 години во Англија, објави Фудбалската асоцијација (ФА). ФА доби одобрение од телото за донесување правила во фудбалот, Интернационалниот борд на фудбалската асоцијација (ИФАБ), за да ја тестира во пробен период забраната за играње со глава во избрани натпреварувања и лиги во помладите категории во претстојната сезона, објави британскиот весник „Гардијан“. Доколку успее, ФА ќе поднесе барање до ИФАБ за промена на законот, за забрана за играње со глава на ниво под 12 години од сезоната 2023/2024.
Тоа следува по воведувањето насоки во 2020 година, кои ги советуваа тренерите да не вежбаат удари со глава на тренинзите во фудбал за деца на возраст од 11 години и помлади, со постепено воведување во тренинзите од 12 до 16 години. Препорачаната граница од 10 удари со глава со висока сила неделно на тренинзите, исто така, беше воведена во професионалниот фудбал пред почетокот на минатата сезона.
Тестирањето е дел од обидите на ФА да ги ублажи сите потенцијални ризици од удар во глава со топка, во време кога продолжуваат истражувањата за можноста за поврзаност помеѓу повтореното удирање топка со глава и невродегенеративното заболување.

– Ова е внимателен пристап кон играњето и уживањето во фудбалот, додека тековните истражувања продолжуваат во оваа област – пишува во соопштението на ФА.
Дон Астл, раководителот на проектот за невродегенеративни болести во фудбалот при Здружението на професионални фудбалери, ја поздрави одлуката за пробен период.
– Сакаме сите наши деца да уживаат во фудбалот, но тие мора да можат да играат безбедно. Предложеното ново тестирање за проширување на упатствата за удари со глава кои веќе се поставени за тренинзите и за натпревари е логичен и разумен чекор. Фудбалот има должност да се грижи да продолжи да ги ублажува ризиците од удар со глава. Оваа обврска го вклучува младинскиот фудбал, но се однесува и на грижата за играчите во елитната професионална игра. Почнувајќи од сезоната 2022/2023 сите професионални клубови мора да ги вклучат соодветните насоки за ударите на топка со глава во нивните тренинг-режими. Нивната одговорност се протега во нивните младински, женски и машки тимови – рече таа.
Астл долго време се бори за построги правила околу ударите на топка со глава. Смртта на нејзиниот татко, поранешниот напаѓач на Вест Бромвич албион и на репрезентацијата на Англија, Џеф Астл, беше прогласена од судски вештак во 2002 година како резултат на индустриска болест поради постојаното играње со глава, пишува „Гардијан“.