„Охридско лето“ ја продолжува драмската програма вечерва со Драмски театар Скопје и театарската претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, а во режија на Зоја Бузалковска.
Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Во неа играат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујсиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, Меѓу кои и Whitebread Award. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.
Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар.
Кристофер треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга.
Драмата темелно го преработува изворниот материјал. Наместо раскажувањето во прво лице како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, татко му, мајка му… Резултатот е драма во драма.
Според режисерката Зоја Бузалковска, она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст.
– Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно – вели Бузалковска.
Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сѐ во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога.
– Приказната е раскажана низ еден филмски јазик, но динамично. Многу брзо се менуваат ситуациите, се обработуваат многу комплексни теми и прашања, на многу забавен и духовит наместа начин. Секогаш е предизвик една таква структура како може да стане театар – одгатнува Бузалковска.
Зоја Бузалковска (Скопје, 1971 г.) е театарски режисер и професор по актерска игра и по театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Во 1997 година дипломирала Новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 1998 година Театарска режија на Факултетот за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2010 година станува магистер на науки од областа на културолошките студии, а во 2011 година и магистер на уметности, од областа на театарската режија. Од 2000 година, Бузалковска започнува хонорарно да соработува со ФДУ, каде подоцна се вработува и напредува во звања во класата на проф. Кирил Ристоски. Денес Зоја Бузалковска е редовна професорка на ФДУ, со своја класа Драмски актери, а води и класа по театарска режија. Активно режира во речиси сите релевантни театри во Македонија, но работела и повеќе вонинституционални проекти.
Театарската претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ со времетраење од два часа и 45 минути не се препорачува за лица помлади од 12 години.