Финансиските извештаи не ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Градски трговски центар, Акционерско друштво за издавање на деловен простор под закуп – Скопје на 31 декември 2020 година, како и финансиската успешност и паричните текови за годината која завршува со тој датум, во согласност со применливата рамка за известување, се наведува во конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на Градски трговски центар Акционерско друштво за издавање на деловен простор под закуп – Скопје, објавен од Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Постојат недоследности во начинот на спроведување на пописот на средствата и изворите на средствата и отстранувањето на средствата од сметководствената евиденција на расходуваните средства без истите да бидат физички отстранети, се посочува во извештајот и тоа; дел од залихите се застарени; не извршеното запишување на правото на сопственост на земјиштето и на дел од деловниот простор на деловниот објект; не е реално и објективно искажана вредноста во финансиските извештаи на деловниот објект – Градски трговски центар; постои неусогласеност меѓу вредноста на основната главнина евидентирана во трговските книги и запишаниот основачки влог во Централниот регистар и во Статутот на друштвото и недоследности при спроведувањето на ЗЈН.
– Во периодот на вршење на ревизијата во СВР Скопје е пријавена кражба на електрична енергија поради наводна интернет трговија со крипто валути. Согласно издаденото Соопштение на МВР од 16.11.2021 година, од страна на СВР Скопје е постапено и е утврдено дека: не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик односно не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути во просторот на Градскиот трговски центар Скопје – се вели меѓу другото во извештајот од Државниот завод за ревизија.
Во ревизорскиот извештај стои дека финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на Градски трговски центар, Акционерско друштво за издавање на деловен простор под закуп, Скопје се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.