Подготвил: Марјан Велевски
Ватикан – Папата Франциск назначи три жени меѓу членовите на ватиканското министерство за бискупи, тоа се пречесните сестри: Италијанката Рафаела Петрини, генерална секретарка на гувернератот на државата Ватикан, Французинката Ивон Ренгоа и италијанската лаичка Марија Лиа Зервино, претседателка на Светската унија на католички женски организации. Минатата недела, во интервју, папата Франциск зборуваше за назначувањето на жените, кои потоа ќе бидат вклучени во процесот на избор на нови епархиски пастири. За папата ова е „знак на отвореност“, додавајќи дека во иднина гледа можност да се назначуваат лаици да раководат со одделенијата, како што се лаици, семејство и живот, Одделот за култура и образование или Ватиканската библиотека.
Будимпешта – Унгарија ја зајакнува заштитата на своите граници, а како причина го наведува новиот бран мигранти што, наводно, преку балканската маршрута патуваат кон Унгарија. Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан планира да ја подигне за дополнителен метар жилет-жицата од 150 километри на југот на земјата, која беше изградена за време на бегалската криза во 2015 година. Треба да се подигне и нова гранична ограда во националниот парк Дунав-Драва на југот од земјата, по должината на српската и на хрватската граница. Унгарската влада, исто така, планира да вработи вкупно 2.000 нови вооружени стражари, како дополнително засилување на војската и граничната полиција.
Џакарта – Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, ги предупреди претставниците на Г20 да преземат итна акција за борба против инфлацијата, предупредувајќи дека „екстремно неизвесната глобална економска перспектива може да се влоши ако продолжат повисоките цени“. Говорејќи на состанокот на финансиските претставници на групата 20 големи економии во Индонезија, Георгиева рече дека ескалацијата на руската војна во Украина го зголеми притисокот врз цените на суровините и енергијата, а глобалните финансиски услови се влошуваат повеќе од очекуваното.
Лондон – Во Велика Британија е прогласена вонредна состојба откако за првпат беше издадено црвено предупредување за екстремни горештини, бидејќи температурите може да достигнат и 40 степени Целзиусови. Предупредувањето од Метеоролошката агенција за денеска и утре ги вклучува Лондон, Манчестер и Јорк, објави Би-би-си. Милиони Британци беа повикани да работат од дома за време на врвот на топлотниот бран.