Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска имаше тет-а-тет средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На средбата разговарале за најважните прашања поврзани со проширувањето на Европската Унија. Било констатирано дека сега е моментот кој треба Македонија да го искористи за прифаќање на европскиот предлог, што понатаму значи и одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Ковачевски и Фон дер Лајен уште еднаш потенцирале дека со европскиот предлог не се загрозува на ниту еден начин идентитетот, културата, историјата и македонскиот јазик.
На средбата беше дискутирано, дека во контекст на новите гео-политички околности, многу е значајно деблокирањето на евроинтеграцискиот процес и почетокот на преговорите за нашето членство во Европската Унија, што е важно за целокупниот напредок на Северна Македонија.
На средбата беше истакнато дека одлуките кои се носат сега ја гарантираат иднината на земјата, и затоа се потребни мудри и државнички потези кои водат кон просперитет, развој на демократските вредности и севкупен економски напредок.