Софија испрати нота до Министерството за надворешни работи во Скопје поради, како што се наведува, констатираните многубројни слогани и транспаренти, насочени против Бугарија изминатите денови во јавноста на Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија во нотата се изразува „длабока загриженост поради тоа што се случува, а кое се однесува на ширењето на антиевропскиот наратив против воспоставувањето на добрососедските односи меѓу двете земји“.
– Особено загрижувачки е тоа што злонамерните дејствија во јавноста ескалираат во момент кога Софија и Скопје активно бараат пат кон конструктивен дијалог и пронаоѓање трајно взаемноприфатливо решение во интерес на европската интеграција на Република Северна Македонија и регионот – се наведува во нотата.
Во документот се изразува уверување дека ваквите настани ќе станат дел од минатото, а двете држави ќе успеат да отворат нова страница во односите, заснована на взаемно почитување и искрено пријателство.