До Агенција за електронски комуникации (АЕК) годинава пристигнале 256 барања за решавање на спорови од кои 74 отсто се веќе решени со што првичниот рок од четири месеци за решавање на барањата е намален на 50 дена. Од нив 53 отсто се решени во корист на барателите што, како што велат од АЕК, покажува дека се зголемува свесноста на корисниците зошто и кога да приговараат и на основаноста на нивните приговори. Речиси и да нема приговори во однос на роамнигот со Западен Балкан.
Најмногу од барањата се за незадоволството за мобилната телефонија, а потоа за телевизијата и за другите ставки. Забележани се прекинувања на тарифни договори на сред договор, кои не смеат да се прекинат без согласноста на корисникот, а од АЕК им препорачаа на корисниците да ги прочитаат договорите пред да ги потпишат.
Во делот на измамничкиот меѓународен говорен сообраќај во соработка со двата мобилни оператори корисниците, како што беше нагласено од АЕК, биле заштитени од плаќања големи сметки. На претплатниците на домашна мрежа им се генерирале дојдовни повици од странски мрежи најчесто кон Австрија, Шпанија и Португалија и други подалечни дестинации. Тие во соработка со операторите биле комплетно блокирани на нивната мрежа и при решавање на бројните предмети кои стигнале до АЕК било одлучено корисниците да немаат обврска да плаќаат ништо доколку не била воспоставена крајната дестинација на повикот и нивните приговори биле усвоени. Оваа појава во моментов е комплетно отстранета од стана на АЕК и операторите.