Пласманот на Ник Кирјос во финалето на гранслем-турнирот Вимблдон, во кое тој денеска ќе се соочи со фаворизираниот Новак Ѓоковиќ (од 15 часот), се должи на новиот пристап на Австралиецот кон слободното време, смета неговата мајка Нил Кирјос. Ова е прво гранслем-финале за 27-годишниот Кирјос во неговата кариера.
– Ни беше многу тешко да го однесеме некаде. Со задоволство седеше во собата и постојано играше видео игри. Рамото го болеше од тоа колку играше. Во Пекинг сакавме да дојде со нас да го види Кинескиот ѕид. Кој би го одбил тоа? Но, Ник не отиде. Со задоволство седна во собата и нарача храна, а тоа ми пречеше. Се сеќавам дека во Канада се понудивме да одиме на Нијагарините водопади. Тој дури и не сакаше да оди таму. Патував сама со туристички автобус. Ник не сакаше – изјави Нил Кирјос.
Таа не можеше да дојде во Лондон поради здравствени проблеми, но го следеше напредокот на нејзиниот син.
– Конечно ја цени својата позиција и тоа е најдоброто нешто. Има промени. Сигурно првпат го посетил Биг Бен. За цело време додека беше во Лондон. По Австралија опен оваа година, тој почна да прави нешто. Сега сфаќа дека животот не се врти околу тенисот. Никој не очекува од него да биде таков. Треба да уживате во животот. Многу ми е драго што го прави ова сега – потенцира мајката на австралискиот тенисер.
Кирјос во помладите денови важеше за еден од најголемите таленти во белиот спорт, но не успеваше да ги оствари високите очекувања, делумно и поради проблемите со темпераментот и контроверзите што го следеа. Интересно е што Кирјос значително го поправи и односот со денешниот противник Ѓоковиќ, со кого претходно имаа несогласувања. Австралиецот неочекувано стана еден од најголемите поддржувачи на српскиот тенисер во неговиот спор со австралиските власти за време на Австралија опен во јануари, по кој 20-кратниот гранслем-шампион беше депортиран од Австралија. Ѓоковиќ тогаш преку Инстаграм јавно му се заблагодари на Кирјос за поддршката, а двајцата тенисери дадоа назнака за подобрување на нивниот однос и во пресрет на финалето на Вимблдон.