Заштитните столпчиња што се поставени на рабовите на сообраќајниците за да се спречи паркирање на тротоарите, секојдневно се уништуваат од несовесни граѓани. За димензиите на проблемот зборува и фактот што надлежните од јавното претпријатие „Улици и патишта“ постојано санираат оштетени заштитни столпчиња низ сообраќајниците во Скопје. Но, очигледно, граѓаните со уште поголема брзина ги уништуваат или едноставно ги отстрануваат, па се добива впечаток дека нема доволно столпчиња

ВОЗАЧИТЕ САМИ СИ ПРАВАТ ПАРКИНГ РУШЕЈЌИ ГИ ПЛАСТИЧНИТЕ ГРАНИЧНИЦИ НА РАБОВИТЕ НА СООБРАЌАЈНИЦИТЕ

Сообраќајната култура на скопјани не е на некое завидно ниво, а потврда за тоа може да се добие со едноставно излегување на некоја од сообраќајниците и следење на однесувањето на сите учесници во сообраќајот. Проблемот на кој сакаме да укажеме овој пат е од понов датум, но, сепак, е доволно видлив и присутен за да го привлече вниманието на сите и да укаже на уште еден сегмент од нашата сообраќајна (не)култура. Станува збор за заштитните столпчиња што се поставени на рабовите на сообраќајниците за да се спречи паркирање на тротоарите, а кои се уништуваат од несовесни граѓани.
За димензиите на проблемот зборува и фактот дека надлежните од јавното претпријатие „Улици и патишта“ постојано санираат оштетени заштитни столпчиња низ сообраќајниците во Скопје. Но, очигледно, граѓаните со уште поголема брзина ги уништуваат или едноставно ги отстрануваат, па се добива впечаток дека нема доволно столпчиња. На тој начин и натаму им се овозможува дивеење на возачите на автомобили, поточно непрописно да се качуваат на тротоари, односно од тротоари или од зелени површини да се симнуваат на сообраќајниците, доведувајќи ги во опасност другите учесници во сообраќајот. Со уништени столпчиња први на удар се велосипедистите и пешаците, но и моторните возила, кои се соочуваат со приближување возило од правец што е недозволен, па реакцијата не може секогаш да биде соодветна.

РЕЧИСИ НЕМА ОПШТИНА ВО КОЈА ОПРЕМАТА Е ЗАЧУВАНА

Неколкудневната акција на нашата новинарска екипа за проверка на состојбата на градските сообраќајници го потврди нашето сознание од претходно, поткрепено со комуникацијата со надлежните градски служби што ја покриваат оваа област на нашето живеење. Речиси нема улица во Скопје што не е оградена со заштитни столпчиња. Но, исто така, речиси а нема улица на која токму тие заштитни столпчиња не се искршени, откорнати или оштетени.
И тоа е постојаната слика во метрополата, наспроти настојувањата на надлежните да ги заменат уништените или оштетени столпчиња.
Ако се погледне состојбата на улицата Втора македонска бригада, која ги дели општините Чаир и Бутел, ќе се види дека заштитните столпчиња се поставени како што треба, но ги има како декор, односно секаде каде што жителите мислеле дека можат да го уредуваат сообраќајот по свое, едноставно нема столпчиња. Практично, „преживеале“ само оние столпчиња што не му пречеле никому. Сите други се откорнати.
Исто е и на улицата Кемал Сејфула во скопски Чаир. Чаирчани велат дека покрај тоа што им недостигаат паркинзи, најголемиот проблем им се оградените улици, бидејќи немаат како да излезат на улица, па се оправдуваат дека уништувањето на заштитните столпчиња им е единственото решение и токму затоа ги отстрануваат.
Живеам во зграда на улицата Кемал Сејфула. Каде да паркирам ако не пред зградата? На влезот каде што немаме заштитни столпчиња има огромен маркет, кој речиси постојано ни го блокира влезот во зградата и токму затоа моравме да ги отстраниме столпчињата – вели Сеад К., жител на оваа скопска улица.
Дека тоа не е оправдување велат и голем дел од жителите, кои сметаат дека столпчињата се поставени за да постои ред, за да се заштитат децата, велосипедистите и пешаците токму од таквото однесување на возачите.
– Столпчињата се ставаат со намена. Не се ставаат тукутака. Возачите мора да сфатат дека не можат и не смеат да се однесуваат како шерифи, дека не смеат сами да ги отстрануваат столпчињата како ќе им текне – вели Милка Димовска, жителка на Чаир.

ПОСТОЈАНО СЕ ЗАМЕНУВААТ СО НОВИ

Дека овој проблем е постојан речиси насекаде низ Скопје потврдува и фактот што надлежните од јавното претпријатие „Улици и патишта“ постојано се на терен, санирајќи ги направените штети од страна на несовесните возачи.
Колку за напомена, оваа состојба е забележана и во скопски Центар, каде што столпчињата исто така се туркаат заради полесно паркирање.
– Ние тука сме мал Див Запад. Ништо не почитуваме, се однесуваме како сѐ да е наша приватна сопственост. Треба надлежните да почнат веќе сериозно да казнуваат, па да видам дали така ќе кршат, корнат и оштетуваат јавна опрема – вели Дарко Стојановски, жител на Центар.
Неодамна, ЈП „Улици и патишта“ санираа оштетени заштитни столбови на градските улици и булевари, особено во централното градско подрачје.
– Оштетени заштитни столбови беа лоцирани на улицата Димитрие Чуповски на влезот кон плоштадот „Македонија“, кај триумфалната порта, на плоштадот „Филип Втори“, на улицата Македонија, како и на голем дел градски сообраќајници. Заштитните столбови редовно се санираат и се поставуваат нови по налог на Град Скопје поради зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите, но и за спречување непрописно паркирање на возилата.
Бидејќи многу често се уништуваат од несовесни граѓани, апелираме за поголема совесност и да се почитуваат сообраќајната опрема и сигнализација за да се одржи безбедноста за сите учесници во сообраќајот – информираат од претпријатието.

[email protected]