Организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) – Скопје, во соработка со иницијативата „Најново нормално“, организира две јавни прошетки низ изложбата на четворицата финалисти за наградата „Денес 2022“ за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Македонија до 35 години. На изложбата ќе може да се видат дела на Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров, која е отворена во НГРСМ – „Мала станица“.
Прошетките низ изложбата на четворицата млади, инспиративни и талентирани автори ќе се реализираат денеска и на затворањето на изложбата, на 14 јули, и двете со почеток од 19.30 часот.
Наградата „Денес“ ѝ се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда означува двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во „Ресиденси анлимитед“, но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири-комисија и да продуцираат дело во рамките на изложба како финалисти на наградата.
Наградата „Денес“ е основана во 2002 година во земјава, а е дел од мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), која се доделува во 12 земји. Организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), во соработка со Центарот за современи уметности – Скопје, мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Ресиденси анлимитед“ (RU) – Њујорк и фондацијата „Траст фор мјучуал андерстендинг“ – Њујорк, оваа година по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка.
Иницијативата „Најново нормално“ им е посветена на сите заинтересирани што имаат потреба од нова викенд-алтернатива. Прошетката е предводена од Бојана Јанева, која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани што сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички практики. Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство, кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност, наместо со носталгија.
Прошетките ќе започнат пред влезот на „Мала станица“ и се наменети за сите заинтересирани, без претходно пријавување. Влезот е бесплатен.