Со изложба на алтернативни фотографии почна новиот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ во продажниот салон на Културно-информативниот центар-Скопје. На овој фестивал, освен изложбата, се случуваат и работилници за алтернативна фотографија. Локацијата за работилниците е Матка, а учесници на работилниците се дваесетина љубители на благородните фотографски процеси од регионот.
– „Зрно“ изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шареноликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографијата кај нас. „Зрно“ е и фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. „Зрно“ е иницијатива на неколку фотоентузијасти што сакаат да ги слават алтернативната фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. „Зрно“ сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да забави, да промисли. Да допре. Да прифати игра, да се отвори за „грешките“. Да се насмее. Да се реобмисли себеси. Да дише… – истакнуваат организаторите.
На оваа изложба се претставуваат неколку алтернативни автори: Кети Талевска-Бакревска со своите лумен-принтови; Викторија Мачковска со автентични цијанотипии; Мартина Павлоска со своите весели полароиди и Сашо Алушевски со цијанотипии од циклусот „Пикторијализам“, опремено од Владо Димоски.