Во изминатиов период, Европол и Интерпол реализираа големи акции за спречување на трговијата со луѓе и деца, како и за спасување на жртвите од криминалните организации. Во сосема различни и одвоени акции, најголемите полициски институции пресекоа канали за трговија со луѓе од Африка во Европа
Европол и Интерпол спроведуваат
одлучни акции на повеќе континенти
Трговијата со луѓе, како и шверцот на мигранти низ светот, зема сѐ поголем замав. Согледувајќи го проблемот, меѓународните полициски институции во изминатиот период, почнувајќи од земји како Брегот на Слоновата Коска, Нигерија и Мароко, па до Европа, реализираа големи акции за спречување на трговијата со луѓе и деца, како и спасување на жртвите од криминалните организации. Во сосема различни и одвоени операции, најголемите полициски организации, Европол и Интерпол, реализираа масовни акции за спречување на овој бизнис, кој особено поради светската економска криза станува сѐ поактуелен и поатрактивен за криминалните групи.
За жал, жртви се тие што во потрага по подобра иднина најчесто паѓаат во рацете на поединци зад кои стојат црни бизниси и цели организации. Но овој пат во полициската мрежа паднаа оние што со години плетеа сопствена мрежа за својот валкан бизнис.
АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ВО ЕВРОПА
Европол во соработка со полицијата на 22 европски земји реализира акција во која беа уапсени над 130 криминалци и идентификувани повеќе од 60 новоосомничени криминалци во бизнисот со трговија со луѓе. На списокот на земји што учествувале во акцијата се и земјите од регионов: Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и Бугарија.
Повеќе од 22.480 службеници за спроведување на законот учествуваа во акцијата, за време на која беа извршени проверки на европските морски, копнени и воздушни граници, со дополнителен фокус на најчесто користените шверцерски маршрути во Европа.
Како што е официјално потврдено од Европол, деновите на акцијата резултираа со над 130 апсења и идентификувани околу 60 дополнителни осомничени, како и со поведени повеќе од 100 нови истраги. Севкупно, идентификувани се над 130 можни жртви на трговија со луѓе, од кои повеќе од десетина се потврдени како малолетни. Проверките довеле до откривање на над 220 фалсификувани документи.
Претрес бил извршен во повеќе од 13 илјади локации, околу 200 илјади возила, биле испрашувани 970.440 лица и проверени околу 102 илјади документи.
Она што во целата акција најмногу загрижува е тоа што сѐ уште децата се едни од најранливите жртви на криминалните предатори.
– Во текот на деновите на акцијата, органите на прогонот го проверуваа и идентитетот на над 11.130 малолетни лица, кои и понатаму се најранливата група во рамките на лицата што се тргувани и експлоатирани. Многумина стануваат жртви на сексуална експлоатација, принудно питање или различни видови принуден криминал, вклучувајќи ситни злосторства и трговија со дрога. Тие, исто така, стануваат жртви на трудова експлоатација и домашно ропство – информираат од Европол.
ГОЛЕМА АКЦИЈА И НА ИНТЕРПОЛ ВО СВЕТОТ
Трговијата со луѓе е високо во приоритетите и на Интерпол, кој исто така реализира опсежна акција, во која беа вклучени полициите на 44 земји, а во која беа спасени речиси 700 жртви на трговија со луѓе.
Во акцијата беа реализирани 300 апсења, вклучувајќи 88 осомничени трговци со луѓе и 83 шверцери на мигранти. Околу 100 дополнителни апсења биле извршени за други кривични дела, како што се фалсификување документи, организиран криминал, шверц на огнено оружје и дрога, што ја истакнува поликриминалната природа на организираните криминални групи.
Апсења од висок профил
Операцијата насловена „Века II“ евидентира успешни исходи за голем број случаи на трговија со луѓе поврзани со претходните операции на Интерпол. Како што информираат оттаму, властите во Мароко пронашле и уапсиле 34-годишен маж долго време осомничен за регрутирање, сместување и трговија со жени од Нигерија до Мароко, а потоа во Шпанија и други европски дестинации, каде што биле принудени на проституција.
Во одделен случај, полицијата во Брегот на Слоновата Коска уапсила тамошен државјанин, осомничен дека водел транснационална криминална група што тргувала со жени од Мароко и Гвинеја во Шпанија за сексуална експлоатација.
Идентификуван уште во текот на операција од 2020 година, овој осомничен бил предмет на црвена потерница на Интерпол објавена од Шпанија. Тој бил уапсен на аеродромот во Абиџан, кога полицијата го проверила неговиот пасош со податоците во базите на Интерпол.
– Овие клучни апсења ги покажуваат обемот и вредноста на глобалните операции, не само во моментот, туку и долгорочно влијанието што го имаат во генерирањето потенцијални информации, размената на разузнавачки информации и воспоставувањето мрежи што се подготвени да дејствуваат кога е вистинското време – рече Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.
Според информациите, заклучокот од операциите е дека криминалните групи продолжуваат да ги ловат оние што бараат излез од своите земји во потрага по безбедност и просперитет, а за време на акцијата, полицијата открила низа шеми дизајнирани да ги намамат жртвите преку државните граници за натамошна експлоатација.
ИЗМАМИ, ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ЛАЖНИ ДОКУМЕНТИ
Според податоците на Интерпол, криминалните организации успешно успеваат да ги измамат жртвите со разни огласи преку социјалните мрежи што ветуваат профитабилно вработување. Друг случај покажал дека жртвите биле измамени за добро платени работни места во онлајн трговија. Биле фатени работнички во супермаркети што имале лажни и фалсификувани документи, а уапсени биле и три лица што шверцувале 23 млади девојки на Блискиот Исток.
За време на операцијата биле идентификувани околу 4.000 мигранти од 29 националности, а полициските акции на терен главно биле фокусирани на разбивање на мрежите зад шверцерските активности. Па, така, била откриена и затворена наводна туристичка агенција, која под капата на агенција успевала да го олеснува шверцувањето мигранти. Биле откриени лажни пасоши и лични документи, шаблони на дипломи, визи, па дури и шеми на лаптопи.
Меѓу другото, биле спасени четири деца и 103 возрасни лица, кои со вооружени лица патувале во Нигерија. Во Гамбија, пак, биле уапсени петмина поради тоа што на мигрантите за да ги пренесат на Канарските Острови им наплаќале по илјада американски долари.
Европол уапси 39 лица поради шверцување мигранти
Европската полициска агенција Европол вчера соопшти дека Франција, Белгија, Германија, Велика Британија и Холандија уапсиле 39 лица во рамките на најновата координирана акција против шверцот на мигранти преку Ла Манш.
Според соопштението, апсењата биле насочени кон една од најактивните криминални мрежи, која со мали чамци шверцува луѓе преку Ла Манш од Франција до Британија.
Во соопштението се додава дека полицијата запленила над 1.200 елеци за спасување, околу 150 гумени чамци и околу 50 мотори, како и десетици илјади евра во готовина, огнено оружје и дрога.