Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека денеска се подготвува нешто што не доликува на земја членка на НАТО за време на протестите кои се планирани од 19 часот вечерва, што започнуваат од пред Владата. Тој кажа дека овие информации ги добил од МВР. Не кажа дали протестите влијаат на одлуката која треба да ја донесе Владата, дали ќе го прифати францускиот предлог или истиот ќе биде одбиен.
– Ние сме демократско општество, каде секогаш и во секоја прилика, секој граѓанин може да го изрази својот став. Тоа треба да биде во рамки на законите. Се надевам дека ќе биде во рамки на законите. Вчера имавме четири повредени полицајци. Денес се планира нешто што не доликува на држава членка на НАТО – кажа Ковачевски.
Според него, Собранието ќе одлучи каква одлука ќе се донесе, однсоно дали ќе се прифати или одбие предлогот.
– Таму ќе има состаноци каде ќе учествуваат претставници од нивните редови, каде ќе расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог од ЕУ. Сметам дека и Шарл Мишел беше јасен во својата експликација, дека ние имаме предлог кој ни овозможува веднаш започнување преговори со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги отпочнеме преговорите, и со кои заклучоци – кажа Ковачевски.