Бугарскиот мандатар Кирил Петков објави дека протерувањето на руските дипломати е поради соработка со разузнавачки служби и активности што се спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи
Дипломатските односи меѓу Бугарија и Русија сведени на минимум
Русија ги затвори двата генерални конзулата во Бугарија поради протерувањето на 70 руски дипломати. Овој потег го најавија бугарското министерството за надворешни работи и мандатарот за ново-стар премиер Кирил Петков. Тоа претставува најголемиот „егзодус“ на руски дипломати од Софија досега и ќе го преполови дипломатскиот персонал во руската амбасада. Конзуларната служба на руската амбасада во Бугарија и Генералниот конзулат во Варна ја прекинаа својата работа. Исто така, и Генералниот конзулат во Русе ќе престане со работа и ќе биде затворен еден месец.
Филип Воскресенски, советник во руската амбасада во Софија, изјави дека секој што претходно контактирал со руските конзулати во Бугарија може да се јави во амбасадата кога конзулатите ќе продолжат со работа. На крајот на април, во дипломатската мисија на Руската Федерација во Бугарија имало 114 вработени.
– Протеравме 70 руски дипломати. Многумина од нив работеа директно за разузнавачките служби, а нивната дипломатска улога беше повеќе како маскирање. В недела очекуваме полн авион, со седумдесет седишта, да полета за Москва – рече Кирил Петков, чија влада ја загуби поддршката во парламентот минатата недела.
Од бугарското министерство за надворешни работи соопштија дека станува збор за намалување на рускиот дипломатски персонал, односно за реципроцитет со бројот на бугарските дипломати во Русија, како и поради активностите на руските функционери што бугарските власти ги прогласија за некомпатибилни со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, го оцени овој акт на бугарските власти како исклучително непријателски и додаде дека Москва го задржува правото за реципрочни дејства.
Лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, во објава на Фејсбук напиша дека одлуката за протерување на 70 руски дипломати е чин без преседан во бугарската дипломатија, што, според неа, ќе има долгорочни последици. Нинова изјави дека категорично е против ваквата одлука.
Бугарскиот претседател Румен Радев во изјава за медиумите пред самитот на лидерите на НАТО во Мадрид го коментираше протерувањето на руските дипломати од Бугарија.
– Не можам да разговарам за ова прашање, бидејќи ги немам потребните информации. Се надевам дека премиерот во оставка Кирил Петков има издржани и веродостојни информации за оваа одлука и добро ја разгледал и по обем и по последици – изјави Радев.
Бугарскиот премиер во заминување зазеде цврст став против руската агресија врз Украина. Во февруари тој го отпушти својот министер за одбрана затоа што одбил да го нарече во „војна“ она што Русија го нарекува „специјална воена операција“. Петков ги поддржа европските санкции против Москва и се согласи да ја поправи украинската воена опрема, иако не сакале да испратат оружје директно во Киев.
Во март годинава, Бугарија прогласи за непожелни прво двајца руски дипломати, обвинувајќи ги за шпионажа, а потоа уште десетмина, бидејќи, според бугарското министерство, тие биле ангажирани во активности што не се во согласност со нивниот дипломатски статус. Руската амбасада во Софија, тогаш, оцени дека одлуката на бугарската влада е „уште еден агресивен чекор на кој Москва соодветно ќе одговори“. Амбасадата во соопштението истакна дека протерувањата на дипломатите го смета за знак дека Бугарија сака да ги сведе односите со Русија на минимум. Потоа следуваше одлуката на Москва, која го прекина снабдувањето со гас за Бугарија во април, затоа што одбиле да го платат горивото во рубли.
Во април годинава, Министерството за надворешни работи на Бугарија го прогласи дипломатот на ниво на прв секретар во руската амбасада во Софија за персона нон грата. Во нотата испратена до Амбасадата на Руската Федерација беше наведено дека дипломатот, чие име не е објавено, се занимавал со активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи. Канцеларијата на главниот државен обвинител на Бугарија соопшти дека рускиот дипломат ги следел и активностите на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и дека „собирал доверливи информации што се однесуваат на националната безбедност на Бугарија“.