Нема коалиција меѓу Има таков народ (ИТН), ГЕРБ и ДПС и нема да има никогаш. Ова го напиша првиот човек на ИТН, Слави Трифонов на својот фејсбук-профил.
– Смената на претседателот на Собранието е резултат на неговото кршење на законот. Ако претседателот на Собранието не го почитува законот, дава таков пример дека треба веднаш да биде сменет – рече Трифонов, пренесе Бгнес.бг.
За оние кои не разбираат, ќе кажам уште еднаш – нема коалиција меѓу „Има таков народ“, ГЕРБ и ДПС. Нема и нема да има, категоричен е лидерот на ИТН.
На неговата изјава претходеше разрешувањето на Никола Минчев од функцијата претседател на бугарското Собрание, кој дојде од владејачката „Промената продолжува“ на премиерот Кирил Петков. „За“ негово разрешување гласаа 125 пратеници, против беа 113, а воздржан беше еден пратеник.
Барањето за негово разрешување беше поднесено од страна на „Има таков народ“, ГЕРБ, ДПС и „Преродба“.
Ова беше протолкувано како ново мнозинство во бугарскиот парламент, а се случува пред најавеното гласање на доверба на владата на Кирил Петков.
– Барањето за мое разрешување е со иста позадина како и барањето за гласање за недоверба на Владата следната недела. Во пленарната седница има ново мнозинство – рече Минчев.
По гласањето, Петков изјави дека сите што денеска гласале против Никола Минчев покажале дека не се грижат за Бугарија.
– Во овој парламент има ново мнозинство. Се гушкаа – значи целосна непринципиелност, овие луѓе немаат морал – рече Петков.
Попладнево во Софија се оддржуваат протести за поддршка на Минчев.
– Сега ќе има гласање за недоверба. И ова гласање за недоверба нема да ве разочара. Затоа што ова гласање е еден од чекорите низ кои ќе поминеме. Успеавме да победиме на изборите, но истите тие луѓе не ставија зад сцената. Овој бекстејџ ќе биде отсечен – рече премиерот Кирил Петков на протестот.