Германија почна да ги полни магацините за гас на „Газпром“
Пред точно две недели, на почетокот на јуни, Германија започна со активно полнење на најголемиот магацин за гас во земјата – Реден, со кој преку операторот „Астор“ управува германската филијала на рускиот „Газпром“, „Газпром Германија“. Берлин ја префрли оваа компанија ќерка на „Газпром“ во април на привремено управување кај Федералната мрежна агенција, а руската влада им забрани на руските компании да соработуваат со неа.
Според податоците на операторот „Астор“, во јуни дневното ниво на полнење пораснало на 23-25 милиони кубни метри, додека во мај просечната дневна бројка не достигнувала ни два милиони кубици. Кон крајот на мај, резервите на гас изнесувале 82 милиони кубици – или само 1,9 отсто од вкупните капацитети, пренесуваат медиумите.
Покрај тоа, „Газпром Германија“ контролира не еден, туку четири магацини – Реден, Јемгум и Катарина во Германија и Хајдах во Австрија. Во мај беше спроведено активно инјектирање само во Хајдах и во Јемгум.
Европската комисија излезе со известување дека се договорила околу обврските на операторите – до 1 ноември годинава, магацините низ ЕУ треба да бидат наполнети до најмалку 80 отсто од вкупниот капацитет.
На почетокот на април, Федералната мрежна агенција испрати циркуларен допис до сите пазарни оператори да не ја прекинуваат врската на „Газпром Германија“ со капацитетите во Германија, Велика Британија, Швајцарија, Белгија, Чешка и надвор од Европа. Како што пренесува „Ројтерс“, во дописот регулаторот ветил дека ќе ги исполни сите финансиски обврски за да продолжи со работа.
„Последиците од неликвидноста ќе бидат тешки не само во Германија туку и во цела Европа“, се наведува во документот. Германскиот регулатор додава дека трговците би можеле да банкротираат, испораките да престанат, а магацините да останат празни.
Како што пренесува неделникот „Велт ам зонтаг“, повикувајќи се на сигурни извори, купувањето неруски гас преку „Газпром Германија“ ќе се врши со федерални пари и може да ги чини германските потрошувачи дополнителни пет милијарди евра годишно. Според неделникот, од средината на мај, илјада кубни метри гас Германија ја чинат околу 930 долари, додека пред почетокот на руската воена интервенција во Украина, цената за истото количество изнесувала 218 – 327 долари.
„На ’Газпром Германија“ ѝ се потребни дополнителни 10 милиони кубици гас дневно, а тоа ќе чини околу 3,5 милијарди евра годишно“, наведува „Велт ам зонтаг“. Другиот дел од трошоците во висина од 1,5 милијарда евра ќе биде потрошен за полнење на магацинот Реден. Р.Е.