Верба и надеж дека бугарскиот премиер Кирил Петков ќе успее да состави ново парламентарно мнозинство во наредните неколку дена и со поддршка на Европската Унија (ЕУ) да се тргне ветото за Македонија за почеток на преговорите за членство, испорача Васко Наумовски, поранешен вицепремиер на македонската влада и политички аналитичар во вечерашното гостување во „Клук плус“ на ТВ 21.
-Бугарија минува низ нова политичка неизвесност што е својствено за нив во изминатите две или три години. Една од темите за кои постојат разлики меѓу коалициските партнери, секако, е односот со Македонија и билатералниот спор што го имаме. Излегувањето од владата на партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов може да се толкува како обид за предизвикување на дестабилизација и пад на владата на премиерот Петков – оценува Наумовски.
Според него, владата на Петков настапила со еден нов наратив, со нови идеи, внесувајќи нов потенцијал во билатералните односи со Македонија.
-Прашање е дали тој потенцијал се оствари до крај или не. Знаеме дека сите идеи не доживеаја сопствена реализација, меѓутоа споредбено со претходните влади, владата на Петков имаше еден поумерен пристап. Неговите потешкотии внатре во коалицијата, секако, придонесоа тој на еден начин да застане на патот кон компромисот. Но, сепак, верувам дека тој ќе успее да состави новио мнозинство во бугарскиот парламент што ќе има можност да направи некаков пробив во наредните неколку денови. Излегувањето на неколку пратеници од партијата на Слави Трифонов и најавата дека тие ќе продолжат да ја поддржуваат актуелната влада на Петков, отвора можност за нејзино одржување и во таа насока да се направи нов обид, со поддршка од партнерите од ЕУ, за кревање на ветото во наредните неколку дена – смета Наумовски.