Бугарија

Осум пратеници во бугарскиот парламент од партијата Има таков народ (ИТН) го напуштаат лидерот Слави Трифонов. Осумте пратеници се организирани од министерот за спорт на ИТН, Радослав Василев, кој, според бугарските медиуми, бил против напуштање на Владата. Медиумите во Бугарија информираат дека осумте пратеници ќе ја напуштат пратеничката група на ИТН, но сѐ уште не постигнале договор за соработка со партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промените.

Во групата пратеници се досегашната организациска секретарка на ИТН, Викторија Василева, Николај Рамунов, Иво Атанасов, Светлин Стојанов, Ивајло Христов, Дејат Петков, Георги Георгиев и Христинка Иванова.

Со овој потег на осумте пратеници, пратеничката група на ИТН останува со 13 пратеници, колку што моментално има и опозициската партија Преродба.
Министерката за надворешни работи Теодора Генчовска вчера поднесе оставка до премиерот, соопшти МНР. Причината за оставката е поврзана со одлуката на Има таков народ да ги повлече своите министри од Владата. Претходно оставка поднесе и министерот за енергетика Александар Николов, исто така од ИТН.

Во неделата, Трифонов изјави дека ја напушта владејачката коалиција поради политиките на премиерот Петков во однос на кревањето на ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.

Од владата на Петков заминуваат и министерот за регионален развој Гроздан Караџов и министерот за спорт Радостин Василев.

Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека ќе прави малцинска влада наместо „да биде уценуван“.