Фудбалската репрезентација на Македонија убедливо го совлада Гибралтар со 4-0 во мечот од четвртото коло на Лигата на нациите, одигран попладнево на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Селекторот Благоја Милевски направи седум измени во почетната постава во однос на поразот од Грузија (0-3) во четвртокот.
„Црвено-жолтите“ дојдоа во водство со голот на Енис Барди од слободен удар во четвртата минута, а Бојан Миоски зголеми на 3-0 со неговите први погодоци во националната селекција, постигнати во 14-та и во 16-та минута. Дарко Чурлинов беше стрелец на последниот гол за Македонија во 31-та минута.
Во вториот денешен меч од групата 4, Грузија одигра без голови против Бугарија на домашен терен.
По четири кола, Грузија е прва на табелата со десет бода, а Македонија е втора со седум, додека Бугарија има три, а Гибралтар еден бод.
Македонија останува во трката за првото место во групата кое носи пласман во повисок ранг од натпреварувањето за следната сезона, како и играње во плејофот за пласман на Европското првенство во 2024 година. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, за пласманот решава меѓусебниот резултат.
Македонската селекција во последните две кола од групната фаза гостува кај Грузија на 23 септември и ја пречекува Бугарија три дена подоцна.