Суд во самопрогласената Народна Република Донецк денеска осуди на смрт двајца Британци и еден Мароканец кои се бореле на страната на Украина.
Судот ги прогласи за виновни Ејден Ајслин, Шон Пинер и Саудун Брахим, кои претходно беа заробени во источна Украина.
Тие беа осудени за дејствување со цел насилна промена на власта и тероризам.
Имаат рок од еден месец да поднесат жалба.
Британската влада е длабоко загрижена поради смртните казни за Ејден Ајслин и Шон Пинер, кои беа заробени додека се бореле на украинска страна, соопшти кабинетот на британскиот премиер, Борис Џонсон.
– Ние сме длабоко загрижени по однос на ова прашање. Како што кажавме претходно, воените заробеници не треба да се користат за политички цели. Според Женевската конвенција, борците имаат право на имунитет, што значи дека не треба да им се суди за учество во војната. Ќе продолжиме да соработуваме со украинските власти и ќе се обидеме да обезбедиме ослободување на британските државјани кои служеле во украинските вооружени сили, а кои сега се воени заробеници – истакна портпаролот на Џонсон.