Тресет и петтото јубилејно издание на фестивалот на новосоздадени македонски народни песни „Фолк-фест Валандово 2022“ ќе се одржи в недела. На натпреварувачката вечер ќе слушнеме 23 нови песни, напишани од најдобрите македонски текстописци и композитори, аранжирани од врвни музичари и испеани од познати интерпретатори на народна музика, но и од млади пејачи. И тие, како и многумина пред нив ќе имаат шанса токму на овој фестивал да се претстават пред пошироката јавност.
За победниците ќе одлучуваат гласовите на публиката, која ќе го следи фестивалот во салата „Јанко Узунов“, како и стручно жири.
Натпреварувачката вечер на 5 јуни ја отвора дуетот Кристијан Лукаров и Марија Петковска со песната „Само крај тебе“, а последен настапува Нино Величковски со песната „Ноќва долга Валандовска“. На фестивалската сцена ќе запеат и: Благоја Грујовски, Сузана Спасовска, Бобан Цаневски, Перо Христов, Ефто Пупиновски, Лени Партикова, Ташко Каранфиловски, Далибор Ѓошиќ… Меѓу изведувачите е и поп-пејачот Ламбе Алабаковски, кој на овој фестивал ќе ја испее песната „Нема збогум“. Автори на песните се: Љупчо Трајковски-Фис, Јован Јованов, Григор Копров, Огнен Неделковски, Елвир Мекиќ…

Во ревијалниот дел ќе настапи доајенката на македонската фолк-песна, Блага Петреска.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, заедно со уметничкиот директор на фестивалот, Живоин Глишиќ и водителскиот тандем Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев, на неодамнешната прес-конференција го најавија 35-то јубилејно издание на фестивалот, нагласувајќи дека овој фестивал има исклучително културолошко значење за државата и е еден од симболите на нашата идентитетска посебност. Беше извршено и ждребување за редоследот на учесниците.
– Преку „Фолк-фест – Валандово“ ја продолжуваме традицијата наследена од нашите предци, изнедруваме нова вредност и оставаме трага зад нас – велат организаторите.
Како најава на фестивалската програма, на 3 јуни, на градскиот плоштад во Валандово ќе настапат Горан и Ленче Кукиќ, Александар и Дац, а утредента на 4 јуни ќе одржат концерт Владо Јаневски и групата „Љубојна“.
Како што информираат од Општината, за настанот се издвоени четири милиони денари, средства од локалната самоуправа и од Министерството за култура.
Македонската телевизија ќе врши директен пренос од фестивалот в недела, на Првата програма.