За време на денешниот разговор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин, беше договорено да се потпише нов договор за снабдување со гас на три години, а формулата за пресметка на цената да остане иста – изјави претседателот Вучиќ за српските медиуми.
– Путин и јас имавме многу добар разговор утрово. Разговаравме на повеќе теми. Билатерални односи и договорот за гас. Ги договоривме главните елементи кои се поволни за Република Србија. Она што го договоривме е да потпишеме договор на три години, а не на еден месец, што мислам дека исклучително ни одговара, а платформата и формулата ќе останат исти – истакна Вучиќ.
Тој рече дека цената ќе биде многу поволна, и дека доколку се реализира се’ од разговорите со Путин, во однос на снабдувањето со гас, Србија ќе има безбедна зима и изрази благодарност до руските партнери за поддршката.
– Во зависност од дополнителните разговори со „Гаспром“, ќе можеме да ви ја кажеме точната цена. Ако пресметаме сега, тоа е три пати помалку, а во зима ќе биде 10 пати помалку од она што ќе го плати Европа – рече Вучиќ.
Актуелниот договор за испорака на гас им истекува на 31 мај.