Нега и убавина
Боб-фризурата долго време е на врвот кога се во прашање промените на трендовите, а за тоа е заслужен нејзиниот бунтовен и заводлив облик. Сепак, класичниот боб минува низ своевидни трансформации, па така оваа сезона е ултрапопуларен парискиот боб.
Дека токму оваа е вистинска фризура за претстојното лето потврди и еден од најпознатите лондонски фризери – Ник Литам, кој вели дека е особено интересна варијантата со шишки.
Парискиот боб му одговара на секое лице, независно од обликот и структурата. Со прамените што лесно се виткаат кон брадата, тоа е одлична фризура за лице со срцест облик, но и за долгнавесто лице. Има многу причини поради кои оваа фризура не е само модерна туку е и практична. Косата е лелеава, а не е ни прекратка и може да се собере.
А пред сѐ, штеди време, бидејќи не треба многу ниту за миење ниту за сушење и средување. Ако има оштетени врвови, можете да ги скратите неколку сантиметри, а освен тоа нема постојано да размислувате каква ви е фризурата.
Кога станува збор за шишките, тие можат да се извлечат на страна, а добро е што нема остри линии, што значи дека не се толку строги и не отскокнуваат од остатокот на фризурата.
Косата ќе ви биде ноншалантна, едноставно и практично средена, сѐ што е потребно за долгото топло лето пред нас.