Над 90 лекари во последните три месеци го напуштиле Косово и овој одлив на медицински кадри добива сѐ пошироки размери. Здравствените работници сметаат дека доколку не се преземат итни мерки, Косово набрзо може да се соочи со проблем на недоволен број лекари, објавуваат приштинските медиуми.
Членот на парламентарната Комисија за здравство д-р Хаџи Авдуљи оценува дека таквата ситуација е резултат на лошото управување со здравствениот систем.
– Иако имаме најмал број лекари, лекарите немаат работа. Тоа покажува дека ние не знаеме кои лекари ни се потребни, кои специјализации треба да се одобрат, а тоа нас нѐ чини многу поради губењето на голем потенцијал млади лекари, но и поради тоа што највиталниот дел на општеството бега – изјави тој.
Претседателот на косовската лекарска комора, д-р Пљеурат Сејдиу, оцени дека доколку продолжи ваквиот тренд на заминување на лекарите, тоа ќе има лоши последици за земјата, како и дека појавата добива загрижувачки размери.
– Ова е исклучително загрижувачки, и тоа без оглед на сите пречки за слободно патување и се плашам дека дојдовме до тоа по еден лекар дневно да го напушта Косово – истакна Сејдиу.
Претставник на Министерството за здравство на Косово изрази надеж дека нацрт-законот што гарантира зголемување на платите за здравствените работници, кој го усвои Владата, ќе ја подобри состојбата и ќе им го зајакне достоинството на здравствените работници.
Се намалува бројот на баратели на азил во шенген-зоната
Бројот на барања за азил во земјите на ЕУ и во шенген-зоната од страна на граѓани од Косово бележи значително намалување во текот на 2018-та, што се смета како фаворизирачки аргумент за земјата во барањето за визна либерализација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вкупната бројка на баратели на азил од Косово во првите шест месеци од годинава изнесува 2.865, што е значително опаѓање во однос на истиот период од 2017 година, пишува весникот „Зери“, пренесувајќи ги податоците на Еуростат, според кои Косово не е ниту меѓу првите триесет земји од кои доаѓаат барателите на азил во Европа.
Министерката за европски интеграции, Дурата Хоџа, за весникот изјави дека овие статистики се многу значајни и би требало да ја олеснат одлуката на членките на ЕУ за визна либерализација за Косово.