Македонската ракометна репрезентативка Сара Ристовска, која сезонава го облече дресот на словенечкиот првак Крим, беше поуспешна во дуелот со нејзината репрезентативна колешка Јована Саздовска, која, пак, сезонава ги брани боите на германскиот првак Турингер. По одличната игра во второто полувреме, Крим славеше со 27-20 (10-12), за кој ова беше прва победа сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ), по убедливиот пораз од актуелниот европски првак Ѓер во мечот од 1-то коло (23-39). Ристовска четири пати се запиша во листата на стрелците, додека, пак, Саздовска само еднаш го погоди противничкиот гол.
Во другите дуели од 2-то коло, Ларвик забележа минимална победа (23-22) над Будуќност, Копенхаген славеше убедливо против Савехов (36-22), а Брест Бретања и Ростов Дон одиграа без победник (29-29).