По повод светскиот ден на музеите синоќа во Музеј-галеријата во Кавадарци беше отворена првата заедничка изложба на браќата Ангел и Филип Коруновски од Велес.
Изложбата насловена „Симбиотикс“ на овие двајца визуелни уметници Филип и Ангел Коруновски претставува 40 дела кои се работени во комбинирани сликарски техники. Сите дела се работени на квадратни платна и се рефлексија на чуствата и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството.
Тие во оваа изложба создаваат уникатна синтеза: деконструктивистичкиот пристап на Ангел и микроскопскиот наратив на Филип, овде создваат сложен говор од говори и уникатен семантички јазол. Синтезата што се остварува во оваа уметничка средба со двоен потпис плени со количеството енергија која пулсира моќно во заробениот апстрактен свет во боја – ќе напише во каталогот театрологот Сашо Димоски.
Ангел Коруновски своето образование го започнува во државното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“, потоа дипломира на факултетот за ликовни уметности на катедрата за вајарство под менторство на професорот Васил Василев по што ќе следат постдипломски студии на истиот факултет каде се здобива со титулата магистер по скулптура. Во неговото богато портфолио се набројуваат повеќе од 50 учества во групни изложби во Македонија, соседна Србија, Франција, Русија и Египет, од 2009 до 2017 е раководител на ликовната колонија „Папрадишки мајстори“.
Самостојно со својата уметност се има претставено во Скопје, Велес, Будва, Кавадарци, Прилеп и Берлин – Германија. Филип Коруновски е помалиот брат по вокација графичар кој своето образование исто така го започнува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“, потоа дипломира на факултетот за ликовна уметност на отсекот за графика со графички дизајн а во 2011 година магистрира на одделот за скулптура на истиот факултет. Во родниот град Велес ја поставува својата прва самостојна изложба на цртежи, колажи и слики под наслов „Урбана синтеза“ . потоа следува излобата „Р.Р.Р.“ на која изложува асемблажи и скулптурални објекти. Во 2019 се претставува во Берлин – Германија додека кавадаречката културна јавност за прв пат го запознава во 2020 година кога се претставува со изложбата „Несознајно“. Имено оваа изложба е современо естетско истражување на авторот на човечките емоции и тоа во рамките на портретното сликарство но истовремено и истражување на современиот поптретен мурален реализам. Оваа самостојна изложба на браќата Коруновски претставува една интересна ликовна симбиоза. Нивното обединување е во движењето кое секој на свој начин и во свој ритам го слика на своите платна бидејќи како што открија самите уметници џез музиката е составен дел во творечкиот чин.
Куратори на изложбата во Кавадарци се кустосите Трајче Светков и Билјана Галабова.
М.Мукаетова