За Македонија со потпретседателот на Европската Комисија Жозеп Борел ќе дискутираме за потребата од итно отворање на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и нашата држава, бидејќи проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку во поглед на новиот гео-политички развој, особено поради војната во Украина, веќе станува и безбедносно прашање во регионот на Западен Балкан, нагласи премиерот Димитар Ковачевски во Брисел.
Тој, пред средбата со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел ја истакна важноста од интеграцијата на Македонија и Западен Балкан во Европската Унија.
– Задоволство е да се биде вечерва тука заедно со моите колеги и потпретседателот Борел. Се соочуваме со досега невидена состојба во историјата на нашиот континент. Овие состојби нè натераа да бидеме обединети како никогаш досега и да ги усогласиме нашите политики. Вечерва со потпретседателот Борел и другите колеги дискутираме за итни прашања, но и прашања кои се однесуваат на среден и долг рок, прашања кои потекнуваат од кризата и нашата улога кон Русија, а во врска со нејзината инвазија врз Украина-посочи премиерот.
Ковачевски додаде дека исто така ќе дискутираат и за енергетската безбедност, како и за економските и финансиски импликации што ги носи кризата за нашата земја и за регионот.
– Покрај тоа, ќе дискутираме за начинот и активностите што ќе ги спроведеме заедно за да ја зацврстиме и подобриме поддршката на ЕУ за регионот на Западен Балкан, како регион што е изложен на кризата што доаѓа од војната во Украина-наведе Ковачевски.
Ковачевски претходно оствари средба со белгискиот премиер Алексаданр Де Кро со кого, како што соопшти владината прес-служба, се согласиле дека е неопходно брзо изнаоѓање на решение меѓу Македонија и Бугарија за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ како стратешка одлука за Брисел од аспект на безбедносните ризици предизвикани од војната во Украина.
На средбата, во рамки на работната посета на Брисел на Ковачевски, двајцата премиери изразиле задоволство од блиските и пријателски односи меѓу Македонија и Кралството Белгија, засновани на взаемна доверба и заедничка визија за слободна и демократска Европа.
Премиерот Ковачевски го поканил белгискиот колега Александар Де Кро да ја посети Македонија во рамки на претстојниот Преспа Форум и истакнал дека тоа ќе биде дополнително зајакнување на позитивниот тренд за унапредување на политичкиот дијалог и поттик за посилна економска соработка.