Стратегиската важност на Крим за Русија ги надминува геополитичките, историските, воените и економските аспекти, опфаќајќи ги наедно областа на енергетската безбедност и соработката со другите држави. Истовремено, Крим е еден од најважните елементи во интенциите на Москва за зацврстување на сопствената позиција на влијателен центар во создавањето на новиот мултицентрален свет
Анализа: Полуостровот Крим во фокусот
По анексијата на полуостровот Крим во март 2014 година, Русија ги демонстрираше своите намери за целосно ползување на геостратегискиот потенцијал на Крим. А кој е, всушност, тој т.н. геостратегиски потенцијал на Крим? Кои се тие стојалишта со кои се образложуваат аргументите за политички, економски, воени и безбедносни перспективи за оној што владее со полуостровот Крим?
Крим – магнет за ментална гимнастика на геополитичките стратези
Зошто отсекогаш Крим како територија бил значаен? Имено, како што објаснуваат аналитичарите, Крим играл главна улога во зајакнувањето на тактичките и стратегиските воени потенцијали на оној субјект што владеел со него, затоа што од северната страна се протега длабоко во басените на Азовско и Црно Море. Неговиот југозападен врв се наоѓа на многу мало растојание од мореузот преку кој Црно Море се спојува со Медитеранот, со што се обезбедува „топла воена поморска линија“, која се протега до пристаништата Тартус и Латакија во Сирија (каде што сега постои руска база).
Исто така, Крим има специјално стратегиско значење по должината на виталниот југозападен правец и речиси никој не спори дека неговото контролирање ќе ги одреди текот и резултатите од хипотетичките пријателства – како на Црно Море така и во соседните држави, како што, впрочем, на дело покажува и тековната војна меѓу Русија и Украина.
Стратегиската важност на Каспискиот и на Црноморскиот Регион не се ограничува само на потесното опкружување туку има многу пошироко геополитичко значење: развој на Евроазиската унија, реализација на големи проекти и инвестиции во рамките на групата БРИКС… Имено, Крим како феномен има огромна територијална, стратегиска важност.
Иако со преземањето на контролата врз Крим, Русија си наѕида дополнителна воена моќ во конфликтот со Западот, а уште повеќе, си обезбеди „грб“ во актуелната војна со Украина, бенефицијата што Москва ја постигна со овој чин вклучува и други, не помалку важни димензии, кои, меѓу другото, придонесоа оваа „специјална воена операција во Украина“ – како што ја нарекува Русија, да добие голема поддршка и на внатрешен план.
Според руски извори, во моментов постои рапиден пораст на националното чувство во Русија. Истражувањата во Русија покажуваат зголемена популарност на Владимир Путин, највисока од неговото доаѓање на власт во 2000 година. И демографската инјекција за Русија, поради порастот на вкупното население со двата милиони етнички Руси од полуостровот, направи амбиент на национална кохезија, на домашен план. Такво нешто констатира и „Ал џезеира“, истовремено анализирајќи ги военото и економското значање на полуостровот Крим.
Крим е рускиот „непотоплив носач на авиони“
Од воен агол, Студената војна претставуваше тест за тоа, колкава е всушност важноста на Крим. Полуостровот имаше исклучително битна улога, со оглед на стационирање на Црноморската флота за време на конфликтите со Шестата флота на НАТО во регионите на Црно Море и Медитеранот, како и нејзината улога во обезбедувањето на јужните граници на Советскиот Сојуз. Во овој момент, Крим е рускиот „непотоплив носач на авиони“, за кој не може ни да сонува ниту една поморска сила. Така барем Русите пишуваат на социјалните мрежи.
Освен воената база на Црноморската флота во Севастопољ, анексијата на Крим ѝ даде на Москва можност за користење и на други пристаништа на полуостровот – особено Балаклава – потоа Центарот за длабоки вселенски комуникации во Евпаторија, како и многубројна воена опрема, бродови и инфраструктура, кои станаа сопственост на руското министерство за одбрана, а сето тоа на крајот придонесе за јакнење на одбранбените и офанзивни руски воени сили. Дополнително, во случај на влез на Украина во НАТО, преку Крим, а со земјите од Царинската унија, Москва би можела да ја опколи оваа држава од три страни.
Во моментов, на Крим се стационирани 27-та мешана воздухопловна дивизија на четвртата воздухопловна армија и противвоздушните одбрани на воздушно-вселенските сили на Русија, 37-от мешан воздухопловен полк, кој е разместен на аеродромите во Џанкој, Белбек и Хвардииск, како и 38-от ловечки воздухопловен полк, кој вклучува низа од напаѓачки и одбранбени авиони, извиднички авиони и други видови оружје.
Крим, економско значење
Крим поседува наоѓалишта на минерални суровини што се наоѓаат во рамките на границите на полуостровот, а се проценети на милиони тони нафта (истражените нафтени резерви се релативно ограничени) и десетина милијарди кубни метри природен гас во регионот Казантип.
Според руски извори, Крим годишно произведува 1,7 милијарда кубни метри гас, што ги надминува потребите на овој полуостров. Истовремено, количеството ресурси што може да бидат искористени како резултат од дополнителни истражувања изнесуваат околу два трилиони кубни метри.
Пристаништата Керч, Феодосија и Севастопољ сега ѝ обезбедуваат на Русија дополнителен пристаништен капацитет.
Покрај сево ова, голем дел од индустриските и земјоделски компании што беа лоцирани на Крим, сега се префрлени во Русија. Особено се издвојуваат хемиската индустрија, бродоградбата, машинството, винската и индустријата за преработка на риба.
Благодарение на Крим, Русија заштеди кај трошоците за изградба на втората поморска база на Црноморската флота во Новоросиск. Наедно, со анексијата на полуостровот, Москва се ослободи од плаќањето кирија за тамошните воени бази – како што беше случај во минатото – исто како и од трошоците за снабдување на овие бази и за поминувањето на трговските бродови низ мореузот Керч (околу 200 милиони долари на годишно ниво).
Крим во конфликтот Русија – Запад, во војната со Украина
Во суштина, Крим е место во кое се концентрирани спротивставените геополитички интереси на Русија, Турција, САД и на ЕУ.
Што се однесува до Украина, во моментов нејзиниот интерес е насочен кон Керчкиот мореуз, зашто тој води до азовските пристаништа Мариупол, Бердјанск и Геническ, како и кон северозападниот појас на Црно Море. Кога станува збор за Русија, Крим – благодарение на неговата стратегиска позиција – игра значајна улога во зголемувањето на самодовербата на Москва во сеопфатниот конфликт со Западот, особено доколку се земе предвид речиси постојаниот геополитички предизвик, кој се огледува во фактот дека три НАТО-држави (Турција, Романија и Бугарија) имаат излез на Црно Море. Овде е и дополнителниот предизвик, кој се однесува на учеството на две противнички на Москва (Украина и Грузија) во програмата што НАТО ја нарече „Партнерство за мир“.
На овој начин, Русија смета дека обезбедува важна логистичка и информативна поддршка за операциите на нејзините сили на територијата на Украина, помагајќи им да ги реализираат своите цели и намалувајќи ја загриженоста дека југот на Русија практично би можел да стане изложен на закани што доаѓаат од правецот на Црно Море.
Подготвил: Митко Јовановски