Македонија првпат има доволно пченка за да ги задоволи домашните потреби, но просечната откупна цена е многу ниска-осум денари за килограм. Тоа, предупредуваат земјоделците, ќе се одрази на сеидбата за 2019 година.
Велат дека и сеидбата на пченицата е доведена во прашање поради ниската откупна цена што достигна 7,5 – осум денари, а не 10,5 денари, како што пред два месеца информираше Министерството за земјоделство.
– Годинава во Македонија првпат има доволно прозводство на пченка за задоволување на домашните потреби, но и пченката ја добива истата судбина како пченицата. Нема откуп, а таму каде што има, цената е осум денари за килограм. Тоа значи дека догодина никој нема да сади пченка, вели за МИА претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.
Родот на пченката е околу 60 милиони килограми, а и квалитетот, според Танатаров, е добар.
– Каде се сега стоковните резерви? Сметаме дека цената на пченката треба да биде колку онаа на пченицата, 12 денари за килограм, за да се покријат производните трошоци, вели претседателот на Сојузот.
Засега, укажува, засеани се и многу малку површини со пченица. Седибата требаше да почне по Крсдтовден, на 27 септември, а да заврши до Петковден, 25 октовмри.
– Никој не сее пченица затоа е и прашање дали воопшто ќе се посее. Проблемот, повторно, е ниската откупна цена. Ајде да најдеме земјоделец што добил десет денари за килограм, истакнува Тантаров. За сеидба едноставно нема интерес зашто бараме цена со која ќе се вреднува нашиот труд, ќе ни остане нешто за живот и ќе имаме пари за новата сеидба. Тоа со 12 денари за килограм ќе беше исполнето, но со просечна цена од околу осум денари, тешко, нагласува Тантаров.
Тој потврди дека пченица веќе ретко може да се најде и дека речиси се е откупено и продадено. Најмногу е извезено во Албанија и Грција, како што минатата недела соопшти претседателот на Агробизнис комората Огнен Оровчанец.
– Ако на Македонија и треба леб, некој треба да каже на кој начин ќе се обезбеди тој леб и каков однос треба да има државата кон лебот. Цената на пченицата може ќе биде и 15 – 20 денари, но нема да ја има. Тешко дека ќе се посее и покрај тоа што има субвенција, дециден е Тантаров.
Од фармските капацитети за интензивно одгледување живина велат дека македонската пченка не ја одбиваат, но многу поквалитетна и со подостапна цена е српската. Од Србија можат одеднаш да ги набават потребните количества, а кај нас треба да купуваат од еден производител пет тона, од друг десет, од трет 20.
– Цената на спрската пченка е 118 – 120 евра за тон. Природно е сушена, има само 14 отсто влага и многу добар квалитет. Исто така, нема никаков проблем со афлатоксини. Нам ни треба и квалитет и цена зашто трошиме по 50 – 75 тони неделно, а нашата пченка немала никогаш добар квалитет. Сепак, го откупуваме нашето производство, не го одбивме, но ако се направи разлика, српската е со екстра квалитет. Имаат и приноси од 11 до 12 тона по хектар без никаков проблем поради системите за наводнување „капка по капка“, а кај нас приносот е пет до шест тони, велат одгледувачите на живина.
На прашањето од МИА за цената на пченицата, Министерството за земјоделство, повикувајќи се на Државниот инспекторат за земјоделство, одговори дека заклучно со 15 септември изнесувала осум до 10 денари, а откупени се скоро 60 милиони килограми. Ова се, како што истакнаа од Министерството.
За засеаните количини рекоа дека треба да соберат податоци од подрачните единици.