Со десет гласа „за“, седум „против“ и без воздржани Комисијата за уставни прашања во Собранието на Република Македонија по дводневна расправа го усвои предлогот на Владата за пристапување кон измени на Уставот.
По исцрпената расправа, Комисијата усвои два заклучока: Комисијата го поддржува предлогот за пристапување кон измена на Уставот поднесен од Владата и предлага Собранието согласно член 131, став 1 од Уставот на Република Македонија да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека согласно член 131, став 1 од Уставот, одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупнот број пратеници.
– Доколку Собранието донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот согласно членот 196 став 4 од Деловникот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот. Поради што предлагам Комисијата да усвои и на Собранието да му го предложи следниов заклучок: Подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот, Владата најдоцна во рок од 15 дена да подготви и на Собранието да му достави текст на нацртот на амандманите на Уставот при што да ги има предвид изнесените предлози и забелешки дадени на седниците на Комисијата за уставни прашања и на Собраниетио на Република Македонија, рече Џафери.
Тој објасни дека за да се пристапи кон изменување на Уставот на седницата која треба да се одржи в понеделник ќе биде неопходно двотретинскло мнозинство на гласови.
И денеска пратениците од власта и од опозицијата со спротивставени ставови за предлогот за уставни измени.
Премиерот Зоран Заев рече дека повеќе од 25 пратеници од опозицијата се свесни за одговорноста и се подготвени да ја преземат одговорноста.
– На крајот актот на гласање ќе се случи. Сериозна е одговорноста пред која сме исправени и таа одговорнсот ќе треба да си ја носиме и со неа да живееме. Јас донесов одлуки и презедов одговорност. Јас сум подготвен да живеам вака или онака со таа одговорност, рече Заев.
Панчо Минов од ГРОМ рече дека е против предлогот и предложи промената на името во Република Северна Македонија за надворешна употреба да важи по ратификацијата на протоколот за прием на Република Македонија во членство на НАТО, од страна на Парламентот на Република Грција.
Неговиот втор предлог е примена на името Република Северна Македонија за внатрешна употреба да нема се до финализирање на преговорите од релевантните поглавја за членство на нашата држава во ЕУ и еден дополнителен рок и завршување на постапката по правила на ЕУ за прием во членство на РМ во ЕУ.
Реплицирајќи му на Минов, премиерот Заев рече дека е подготвен да разговара за сите иницијативи и информираше дека веднаш би побарал разговор со колегата од Грција на иста седница на Парламент кога ќе го ратификуваат Договорот со Македонија, да се случи исто ратификацијата за Протоколот од НАТО. Верува, рече, дека тоа е возможно да се случи. Додаде дека е подготвен да разговара со пратениците и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров повторно укажа дека заштитен е идентитотот и, како што рече, има мост за пријателство.
– Влегуваме во НАТО како Македонци, почнуваме преговори со ЕУ во јуни идната година но имаме уште работа. Тоа е одговорноста да се поддржи овој процес, но и одговорноста да се сруши овој процес е огромна. Единствено што апелирам до вас е пред својата совест, со својата мудрост, сами пред себе сите да си одлучите како ќе се постапите, повика Димитров пред гласањето на седницата.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ му реплицираше на шефот на дипломатијата со својот став дека „како што стојат работите, овој процес ќе пропадне“ и, како што рече, за тоа е поголема одговорноста на Владата одошто на опозицијата.