Во Основниот Кривичен суд – Скопје продолжи судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
Јавната обвинителка Ивана Трајчева денеска продолжи со изведување на докази коишто се однесуваат на разменети пораки меѓу обвинетите во врска со набавката на софтверот, за кој Обвинителството тврди дека е набавен незаконски.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.