Во рамките на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“, финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со CEED Hub Скопје, Битола денеска доби свој Младинскиот центар – „МладиХаб“.
Центарот ќе биде во функција на младите од регионот, како простор за работа, вмрежување и организирање на различни активности.
– Општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.
На овој начин општината ќе обезбеди простор каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите – изјави Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
На отворањето присуствуваше и британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која посочи дека на младите им треба поврзување со бизнис компаниите.
– Британската амбасада ги поддржува локалните организации во отворањето на повеќе можности за младите, поддржувајќи ги нивните вештини и можности за стекнување практично искуство. Целта на оваа поддршка е да се вгради систем кој им обезбедува на младите вештини и компетенции кои ќе им помогнат да најдат вработување и да постигнат сопствена економска независност – посочи Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава.
На отворањето на „МладиХаб“ присуствуваа голем број млади од регионот, со цел да се запознаат со функционирањето на овој центар и да остварат средби со претставници од бизнис секторот.
М.М.