Најмалку 44 рации и апсења во Белгија и 13 во странство, вклучително и Македонија, се спроведени во рамки на истрагите на повеќе белгиски полициски единици за наместени фудбалски натпревари. Ова е веста што ја соопштија белгиските власти денеска околу пладне.
 
Десет белгиски клубови од Лига 1А:  Стандард, Андерлехт, Бриж и Генк….  биле под истрага. Утрово полицијата сѐ уште истражувала во просториите на клубот Стандард од каде биле конфускувани низа документи. Клубот тврди дека не е загрижен и соработува со истрагата.
 
Истрагата почнала уште во 2017 година кога полицијата во Белгија била информирана од страна на единицата за спортски малверзации за сомнеж околу можни наместени натпревари и сомнителни финансиски трансакции.
 
Се верува дека менаџерите на некои од фудбалерите биле инволвирани во овие трансакции и дека криеле провизии од властите  и од други инволвирани страни.
 
Провизиите се однесувале меѓудругото на трансфер на играчи, платите на играчи и на нивните тренери и низа други исплати. За време на истрагата почнале да се појавуваат индикации за влијание врз натпреварите 2017/2018. Во тој миг федералното јавно обвинителство одлучило да го прошири мандатот на истражниот судија на оваа област.
 
Во Белгија е уапсен Моги Бајат, многу позната фудбалска фигура во земјата, но и тренерот од Бриж, Иван Леко, поранешниот директор на клубот Андерлехт, Херман Ван Холсбек, и двајца судии, потврди обвинителството денеска.
 
Обвинителите информираа дека операции се воделе во многу други земји, вклучително и Македонија, Србија, Франција, Луксембург, Црна Гора и Кипар. Операциите се кооридинирани судски на ниво на Еуроџаст.
 
Во странство главно станува збор за операции кај лица за кои постои сомнеж дека помогнале да се организираат сомнителните финансиски трансакции. Конфискувани се докумени и сефови, меѓу другото.
 
Во неделата, на Фејсбук страницата на “Македонци во Белгија“ се појави објава во која се повикуваат членовите на групата ако се заинтересирани да уплатат за наместен натпревар. Меѓутоа, нејасно е дали станува збор за стапица во рамки на истрагата, шега или дел од наместените натпревари.
 
На предметот работеле вкупно 220 полицајци, од кои 184 во Белгија, а 36 во странство.