Српското МВР ќе побара меѓународна помош
Српската полиција соопшти дека ќе побара помош преку меѓународна оперативна полициска соработка за да добие информации за нарачателот, организаторите и сторителот кој лажно ги пријавил бомбите во трговските центри, јави дописникот на МИА од Белград.
Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека по извршениот контрадиверзионен увид, било утврдено оти биле лажни пораките испратени вчера од електронската адреса на сервисот „Протонмејл“ до повеќето трговски центри во Србија, со предупредување за наводно поставени експлозивни направи во тие објекти.
Од истата електронска адреса, пораки со иста содржина се испратени на имејл адресите на трговските центри – Рајиќева, Меркатор Центар Белград, Галерија – Белград и Делта Планет во Ниш, се наведува во соопштението.
Како што соопшти МВР, мејловите пристигнале од сервисот „Протонмејл“, сервис за електронска пошта со седиште во Швајцарија, а од него во претходниот период во неколку наврати биле упатени закани и до аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и до компанијата „Ер Србија“, а со оператвни сознанија тие се упатени од територијата на една европска држава и Украина.
-Полицијата интензивно работи во соработка со Обвинителството за високотехнолошки криминал на прибирање податоци за сторителите на ова кривично дело – се вели во соопштението на МВР.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин денеска оцени дека лажните дојави за бомби на летовите на „Ер Србија“ меѓу Белград и Москва, како и во трговските центри во неколку градови, претставуваат „чист економски напад врз Србија“, бидејќи таа не воведе санкции кон Русија.