Она што, сепак, најмногу загрижува е бесрамниот обид на бугарскиот политички и државен врв, среде Македонија, која е прогресивна и историски докажано антифашистичка држава, да ни чествува фашист и националшовинист како што е Михајлов. Тоа е бесрамен обид од бугарска страна да покажат дека наводно имаме ист корен, што, секако, не е точно. Тоа е обид за дрско омаловажување на Македонија од страна на Бугарија. Омаловажување и провокации, кои, за жал, не наидоа на соодветна реакција од македонскиот политички и државен врв. И, конечно, тоа е слика и прилика и за Европската Унија и целиот свет да може да видат и да разберат каква е, всушност, Бугарија денес, какви политики и идеологија поддржува Бугарија како нивна членка, кога нивниот политички и државен врв на јавна сцена поддржува фашист и промовира повампирување на фашизмот

ФАШИЗМОТ СЕ ВРАЌА НА ОТВОРЕНА ВРАТА ПРЕКУ ПОТЕЗИТЕ НА БУГАРИЈА, ПРЕМОЛЧЕНИ И ОД ЕУ

Висока бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков изминатиот викенд ја посети Битола, а како причина за посетата беше отворањето на центарот за култура „Иван Михајлов“. Бугарскиот премиер беше придружуван од бугарската потпретседателка Илијана Јотова, како и од шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска. Бугарските гости беа пречекани со силно полициско обезбедување, а целиот настан ја возбуди и сѐ уште ја бранува македонската јавност.
И покрај изјавата на бугарскиот премиер Петков дека за Бугарија е важно Македонија да биде дел од Европската Унија, останува нејасно што се крие зад овој настан и која е заднината, доколку се земе предвид дека станува збор за бугарска организација што е именувана според Иван Михајлов и чии членови имаат јасни антимакедонски активности.
Центарот за култура „Иван Михајлов“ и неговите членови јавно ги искажуваат своите симпатии кон Иван (Ванчо) Михајлов. На својата фејсбук-страница, центарот за култура „Иван Михајлов“ објави дека „нема наша и ваша историја, историјата е една со Мајката Бугарија“. Центарот за култура „Иван Михајлов“ и неговите членови јавно го чествуваат ликот и делото на Михајлов, кој во европската и во светската историја останува запаметен како терорист и квислинг на фашистичка Италија и на нацистичка Германија. Активностите на центарот за култура „Иван Михајлов“ не завршуваат со чествувањето на Михајлов, бидејќи повеќе бугарски медиуми ги пренесоа нивните антимакедонски позиции.
Според познавачите на околностите со кои се консултиравме, можни се две сценарија за целиот овој настан. Според првото сценарио, Кирил Петков бил принуден јавно да го поддржи центарот за култура „Иван Михајлов“ поради можноста за пад на неговата влада.
Според другото сценарио, станува збор за манифестирање единствен национален став по Македонија од страна бугарската политичка елита. Во овој правец е и присуството на членовите на бугарската опозиција во Битола, како што се Красимир Каракачанов и поранешната министерска за надворешни работи Екатерина Захариева, но и изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која истакна: „Не случајно сме тука во Битола, еден од најстарите градови исполнет со толку многу историја. Кога доаѓав наваму си помислив дека тоа е нашата споделена историја. Историја на многу настани и луѓе, историја на еден страдален народ, бугарскиот народ, и тука во овие земји и таму, надвор од границите, во Мизија, во Тракија. Тука поминуваше нашиот суверенитет и нашата иднина“.
Според познавачи, присуството на високата бугарската делегација предводена од Кирил Петков, како и присуството на Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, укажува дека бугарскиот премиер нема контрола над преговорите со Македонија и нема да има промена на бугарските позициите кон Македонија и ветото. Според експертите со кои се консултиравме, целиот настан во Битола посочува дека Софија нема да попушти во преговорите, а можно е и официјално барање од бугарска страна, нивните ставови за македонската историја и јазик да бидат внесени во преговарачката рамка со Европската Унија. Она што, сепак, најмногу загрижува е бесрамниот обид на бугарскиот политички и државен врв, среде Македонија, која е прогресивна и историски докажано антифашистичка држава, да ни чествуваат фашист и националшовинист како што е Михајлов. Тоа е бесрамен обид од бугарска страна да покажат дека наводно имаме ист корен, што, секако, не е точно. Тоа е обид за дрско омаловажување на Македонија од страна на Бугарија, кое, за жал, не наиде на соодветна реакција од македонскиот политички и државен врв.