Фото: Маја Јаневска-Илиева

За жал, многумина просторот под Камени мост го користат како јавен тоалет, па кога и да поминете под мостот на кејот на Вардар ќе ве запрепасти ужасната реа на урина, која на сончевите и топли денови уште повеќе се чувствува. За граѓаните ова е вчудовидувачки. Тие дури сметаат дека на оваа локација треба да има чувар што ќе врши контрола и нема да дозволи да се користи овој простор како јавен тоалет

Хигиенските навики на некои граѓани исти како и пред стотина години

Пролетното убаво и сончево време ги извади скопјани надвор на прошетки. Изминатиот период е зголемена фреквентноста на посетители насекаде, почнувајќи од градскиот плоштад, парковите, кејот на Вардар и многу други места. Сепак, плоштадот е една од најпосетените локации во Скопје и од жителите на Скопје, но и од домашните и од странските туристи.

УЖАСНО НЕПРИЈАТНА МИРИЗБА

Централното градско подрачје треба да биде едно од местата што за сите нас, вклучувајќи ги и туристите, ќе претставува убаво катче за прошетка и рекреација. Ова е едно од местата што најмногу се посетува од туристите, но и секојдневно од граѓаните на Скопје, кои одат во централното градско подрачје за да завршат некоја работа. Повторно тука се лоцирани и голем број хотели и компании во кои работат голем број лица, а локацијата е атрактивна и за децата што уживаат да трчаат на плоштадот.

Тука е и Камени мост, кој е еден од монументите што го обележуваат градот и по кој многумина го паметат Скопје.
За жал, многумина просторот по Камени мост го користат како јавен тоалет, па кога и да поминете под мостот на кејот на Вардар ќе ве запрепасти ужасната реа на урина, која на сончевите и топли денови повеќе се шири.
За граѓаните е страшно што му се случува тоа на градот, велат дека на оваа локација треба да има чувар што ќе врши контрола и нема да дозволи да се користи овој простор како јавен тоалет.

– Срамно е тоа што му се случува на централното градско подрачје. Јас постојано со внуците шетам тука бидејќи живееме близу, меѓутоа потегот на кејот кај Камени мост го избегнуваме бидејќи навистина е грозно да се шета таму. Мирисот на урина е премногу интензивен. Лично јас имам видено многумина што уринираат под мостот. Родители што имаат мали дечиња исто така оставаат премногу лош пример. Не може ако е дете да уринира насекаде, тоа е недозволиво, бидејќи така тие се учат дека нуждите можат да ги вршат каде и да посакаат. Тоа значи дека и во иднина ќе го прават тоа наместо да најдат јавен тоалет што е наменет за тоа – вели Слободанка Трпчевска.

Родителите на мали деца, на кои културата не им е како на погореопишаните, велат дека го избегнуваат овој потег, кој децата многу го сакаат поради поставениот минискејт-парк, бидејќи се плашат да не фатат децата разни бактерии.
– Оваа локација е најпосетена и од нас што имаме мали деца, но има и голем број рибари што ловат риба во Вардар. Тука шетаат пензионери, млади, стари… сите… меѓутоа, сега, кога се подобри времето, навистина реата е неподнослива, моите деца се мали, често паѓаат и навистина се плашам дека ќе фатат некоја бактерија поради тоа. Лично сама сум видела возрасни како вршат нужда под мостот и тоа е навистина недозволиво. Јас разбирам, сето тоа е потреба, меѓутоа мора да се снајдат и да издржат додека да стигнат до јавен тоалет. Вака навистина е грозно што и да се каже – вели Милица Андреевска.

СЕКОЈДНЕВНО СЕ ОДРЖУВААТ ХИГИЕНАТА И ЧИСТОТАТА НА КАМЕНИ МОСТ

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје велат дека постојано ја одржуваат хигиената насекаде и кај Камени мост во централното градско подрачје.
– Камени мост, кој претставува едно од главните историски обележја и симбол на градот Скопје, постојано е цел на вандализам и несовесно однесување, додека на столбовите во подножјето на мостот континуирано се забележуваат големи количества неправилно фрлен отпад и непријатна миризба – информираат оттаму.
Од претпријатието додаваат дека секојдневно ја одржуваат хигиената на оваа локација.

– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје секојдневно ги одржува хигиената и чистотата на Камени мост, како една од најфреквентните јавни површини во центарот на градот. Екипите на претпријатието вршат рачно и машинско метење и миење на целокупната површина на мостот, како и на плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“. Активностите се одвиваат секој ден, во три смени, вклучувајќи и за време на викендите – велат од комуналното претпријатие.