Бугарија

Бугарскиот министер за електронско управување Божидар Бојанов најави формирање специјална институција за борба против лажни вести на социјалните мрежи и кај онлајн медиумите. Тој посочи дека институцијата ќе има задача да ги следи и анализира т.н. тролови, кои со скриени идентитети влијаат на јавното мислење во корист на Кремљ на социјалните мрежи. Според Бојанов, институцијата нема да биде насочена кон граѓаните, бидејќи целта не е создавање репресивен државен апарат.
– Ние се водиме од еден основен принцип, а тој е дека ниту Владата, ниту која било голема компанија не треба да одлучува што е вистина, а што не, и да блокира содржина. Не треба да создаваме механизми за такво однесување бидејќи многу лесно може да се искористи во погрешна насока – истакна министерот Бојанов.
Притоа тој потенцираше дека „бугарските власти добро знаат дека Кремљ во моментов директно и индиректно финансира дезинформации во земјата, одржува „фабрики“ на „тролови“ и координирано ја дистрибуира оваа содржина на социјалните мрежи“. Овие „тролови“ често се луѓе што работат од дома и создаваат лажни профили со кои споделуваат вести во групи и страници, а исто така и пишуваат коментари под написите за вести, напомена министерот.
Инаку, Бугарија во моментов нема државен апарат за заштита на населението од хибридни закани и дезинформации.