Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска најави дека кон крајот на мај ќе се одржи вонреден самит на земјите-членки на ЕУ што ќе биде посветен на одбраната, енергијата и на Украина.

– Како што разговаравме во Версај и за време на последниот Европски совет, специјален состанок на Европскиот совет ќе се одржи на 30 и 31 мај. Одбраната, енергијата и Украина се на дневен ред“ – напиша Мишел на Твитер.

Последниот вонреден самит на ЕУ за Украина се одржа на 24 февруари, денот кога Русија го почна отворениот и неиспровоциран напад врз Украина.

Состанокот беше свикан откако Русија ја призна независноста на украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск.