Какви се предвидувањата на домашната експертска јавност за влијанието на новата регионална берза врз снабдувањето и цената на струјата во Македонија
Најавите за нова берза за електрична енергија оформена во нашето соседство, која ќе цели на пазарот во Централна и Југоисточна Европа, ја заинтригираа јавноста. Во согласност со информациите што ги објавија медиумите од соседството, преносните системи од Словенија и од Србија, заедно со Европската берза, основаат прва регионална берза под името „Алпоско-јадранско-дунавска берза на електрична енергија“. Првично оваа берза ќе нуди трговски услуги во Словенија и во Србија, со цел за проширување на бизнисот и услугите и во други земји во Централна и Југоисточна Европа.
Во овој период на силен ценовен притисок врз граѓаните, а особено компаниите што сами се снабдуваат со струја во Македонија, формирањето нова берза во соседството предизвика големо внимание. Колку новоформираната берза за електрична енергија ќе создаде услови за подобро снабдување со енергија, но уште поклучно, колку истата таа ќе придонесе за намалување на ценовниот притисок што го чувствуваат потрошувачите, особено компаниите што набавуваат струја од берзите во нашето соседство?
Енергетските експерти истакнуваат оти формирањето на берзата е добар чекор и посочуваат дека позитивно влијание би имало ако и Македонија оформи своја берза и се приклучи кон некоја од берзите во соседството. Сепак, тие додаваат дека за намалување на цените на електричната енергија е неопходно зголемено производство.
– Формирањето на берзата во соседството сметам дека ќе има позитивно влијание за регионот. Добро би било и дома да се оформи берза. Сепак, не очекувам дека со овој чекор ќе се создадат можности за обезбедување поевтина струја. На нашиот пазар најмногу енергија се обезбедува од унгарската берза, но тоа не значи дека не може да се донесе од друга берза, напротив, пазарот не ограничува. Сепак, во поглед на цената, за жал ништо не е направено во последниве години за зголемување на производството на енергија и тоа има голем удел во увозот на енергија по цени од 500 евра за мегават-час, како што имаме овој период. Неопходни се нови инвестиции за производство на енергија. Да ги изградевме планираните инвестиции во ОИЕ досега, ќе имавме помала потреба од увоз, но, за жал, многу малку се вложува во нови објекти. Потребни ни се централи за да обезбедиме енергија по пристапни цени и за граѓаните и за компаниите – посочува енергетскиот експерт Лазар Гечевски.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација, професор Кочо Анѓушев, објаснува дека формирањето на новата берза во соседството нема веднаш значајно да влијае на цените по кои се набавува електрична енергија во регионот, но, сепак, смета дека ќе има позитивно влијание. Тој посочува дека за нашите потреби најчесто се тргува на берзите во Бугарија, Унгарија и Романија и вели дека е потребно и ние да формираме берза што би се приклучила кон некоја од постојните.
– Ако се формира наша берза и истата таа се спои со некоја од берзите од каде што најчесто се набавува енергија за пазарот во Македонија, ќе имаме поголем ефект. Добро би било да се поврземе со бугарската берза, која има поголем волумен за тргување. Србија нема голем волумен за тргување, па затоа се здружува со словенечката берза, која, пак, има поголем волумен на енергија. Колку повеќе вишоци има на еден пазар, толку поголем ќе биде волуменот на тргување – укажува Анѓушев.
Претставниците на регулаторното тело за енергетика не ја исклучуваат можноста во иднина преку новоформираната берза да се испорачува енергија по пониски цени од оние по кои сега се нуди струјата на регионалните берзи.
– Берзите на електрична енергија претставуваат места каде што се споредуваат побарувачката и понудата на електрична енергија и се обезбедува референтна цена на таа енергија. Истата таа не претставува цена за снабдување на потрошувачите со електрична енергија, туку учесниците на пазарот на електрична енергија, врз основа на референтната берзанска цена, купуваат и продаваат електрична енергија за да го обезбедат своето портфолио, односно да ги обезбедат потребните количества електрична енергија со кои учествуваат на пазарот на електрична енергија на големо.
На берзите се тргува во различни временски интервали (ден однапред, во текот на денот, долгорочно тргување) со различни продукти. Како референтна берза на електрична енергија во Република Северна Македонија се смета унгарската берза на електрична енергија поради регионалниот контекст и нејзината ликвидност. Повикувањето на цените на оваа берза е воспоставено и во подзаконските акти, како што се Правилата за балансирање на електроенергетскиот систем, Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај итн. – објаснуваат од РЕК.
Регулаторите укажуваат оти најавата за формирање берза од страна на Словенија, Србија и Европската берза (EPEX Spot) значи дека првенствено берзанско тргување ќе има за пазарите на Словенија и Србија, со интенција оваа берза да прерасне во регионална берза.
– Регулаторната комисија за енергетика очекува вршителите на енергетска дејност за пренос на електрична енергија, МЕПСО, и операторот на пазарот на електрична енергија, МЕМО, кој треба да биде и оператор на организираниот пазар на електрична енергија, будно да го следат развојот на оваа берза и во зависност од условите и можностите да предлагаат мерки за евентуално соодветно вклучување на оваа берза. Овој дел од регионот, односно Словенија и Србија, историски има понуди со пониски цени за електрична енергија и постојат очекувања дека оваа берза би овозможила да се постигне одредена пониска цена на електрична енергија во споредба со другите берзи – објаснуваат од РКЕ.