Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Русија не се откажува од војната со Украина, но оти следните седмици ќе се обиде целосно да го освои регионот Донбас.
– Сега гледаме значително движење на (руските) трупи подалеку од Киев за да се прегрупираат, повторно да се вооружат и да се снабдат и да го префрлат нивниот фокус на исток. Во следните недели очекуваме натамошен руски притисок во источна и јужна Украина и ќе се обидат да го заземе целиот Донбас и да формираат копнен мост до окупираниот Крим – изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Столтенберг посочи и дека сојузниците на НАТО се решени да испорачаат дополнително оружје за Украина.
Руските трупи го зазедоа јужниот украински регион Крим пред осум години.