Легендарниот англиски пејач и тапанар Фил Колинс викендов го одржа својот последен концерт во арената „О2“ во Лондон. Тој настапуваше со својот син Нико Колинс и членовите на бендот „Џенесис“, Мајк Радерфорд и Тони Бенкс. Поради лошата здравствена состојба, концертот го одржа седејќи, а на публиката на шега ѝ рече дека сега ќе мора да најде вистинска работа.
Во изминатите 15 години, тој се бореше со последиците од повредениот прешлен во горниот дел на вратот. Од 2017 година оди со бастун.
Претходно за „Би-би-си“ изјави дека не може да свири на тапани бидејќи повеќе не може да држи стапчиња за тапани. Членовите од првата постава на групата „Џенесис“, Питер Габриел и Стив Хакет, наводно, не биле присутни на последниот концерт.
Бендот е формиран во 1967 година, а наскоро стана планетарно популарен и продаде повеќе од 100 милиони плочи. Колинс стана тапанар и придружен вокал во 1970 година, а во 1975 година стана главен вокал.