Дизајнот е наменет за секој што би сакал да носи парче од Македонија со себе, па веројатно и затоа доби најголем интерес од иселеници што се заинтересирани за домашен но современ дизајн, вели дизајнерот
Иван Петрушевски дизајнираше часовник за „Своч“
Иван Петрушевски е графички дизајнер што влезе во кругот на десет дизајнери од целиот свет на кои им беше овозможено да дизајнираат часовник за компанијата „Своч“.
– Сѐ започна со јавниот повик на компанијата до дизајнери низ светот, кои беа повикани да ја илустрираат својата земја преку патерн што ќе биде аплициран на часовник „своч“. Јас веќе имав изработено неколку илустрации во вид на поштенски марки со мотиви од Скопје, Охрид и Маврово. Кога го видов повикот, ми дојде идејата за проширување на таа колекција со уште неколку марки и со тој дизајн да учествувам на конкурсот. Немав чуено ништо од нив од август, кога аплицирав, па до јануари, кога контактираа со мене. Мислам дека дури тогаш ми станаа реални целата ситуација и тежината на предизвикот – споделува Иван.
Идејата на „Своч“ е да создаде колекција на часовници со симболи од разни земји.
– Мојот избор падна на скопскиот брутализам, охридската архитектура и мавровската природа. Изборот беше спонтан, затоа што ги нацртав една година пред да биде објавен конкурсот. Другите дизајни за марки беа наменски направени за потребите на предизвикот – Македониумот во Крушево, Могилата на непобедените во Прилеп, како и беровското сирење и природа. За конкурсот дознав доцна, денови пред затворањето, па немав многу време да додадам уште дизајни со македонски мотиви, но се надевам ќе го сторам тоа во наредниот период – истакнува Петрушевски.
На прашањето како го креирал дизајнот, вели дека сакал да го нацрта првото нешто што ќе му падне на ум кога ќе помисли на одреден град, а како втор параметар била формата на самиот објект. Прво дизајнирал поштенски марки што се појдовна точка за дизајнот на часовникот.
– Поштенските марки бараат одреден минимализам, па објектите мораа да бидат стилизирани, но сепак препознатливи. Не беше тешко да се одговори на предизвикот, со оглед на тоа што немаше никакви ограничувања од страна на организаторот. Секој имаше шанса да се покаже во тоа што е најдобар – вели Иван.
Неговиот дизајн беше претставен на светскиот саем „Дубаи експо“.
– Повеќето луѓе беа заинтересирани дали овие поштенски марки се вистински, за намената на „Македонски пошти“. Ми беше особено драго што многу колеги дизајнери ми честитаа и ми кажаа дека искрено им се допаѓа финалниот дизајн, како и многу прашања за тоа како може да се дојде до часовникот. Дизајнот е наменет за секој што би сакал да носи парче од Македонија со себе, па веројатно и затоа доби најголем интерес од иселеници што се заинтересирани за домашен но современ дизајн – дополнува Иван.