Во објектот „Чифте-амам“, денеска, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии што ги отсликуваат убавините на Италија, збирка во сопственост на архивот „Алинари“. Поставката е составена од три секции: пејзажи, дела и лица, а секоја од нив обединува фотографии од крајот на 19 и раниот 20 век. Тоа е своевиден времеплов низ пејзажите на Италија, луѓето и уметноста претставени преку објективот на италијанските фотографи, меѓу кои браќата Алинари, Барбиери, Басилико, Беренго Гардин, Фонтана, Џакомели, Мараини, Пелегрин, Ѕание.
Изложбата е резултат на соработката на Амбасадата на Италија во Македонија и Националната галерија. На отворањето ќе се обратат Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.
– „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е изложба што преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, за да се создаде идеална галерија на портрети и спомени што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.
Избор на дела што не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но, сепак, се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела што произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување што започнува од браќата Алинари и од обемниот свет што се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „многуверзумот на глетките“, како што ќе го нарече Марио Креши, тука застапен со едно ново концептуално дело – патување што ќе нѐ одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот, па до виртуелната фотографија во игрите – велат од Националната галерија.