Издавачка куќа „Лин рекордс“, по големиот интернационален успех на албумот „Македонисимо“ и цедето на кое Трпчески, заедно со филхармонискиот оркестар „Јаначек“ од Острава, Чешка, и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведува програма со дела од Шостакович, го објави и првиот самостоен компактен диск за познатата британска етикета на која Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
– Убаво е кога се случуваат убави нешта, па и во вакви предизвикувачки времиња – изјави Трпчески за Македонското радио.
Трпчевски појасни дека е многу среќен што излегува овој албум снимен за време на пандемијата, во февруари минатата година, во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу тешкотии од големиот број протоколи и ограничувања за патување.
– Сепак, мило ми е што со вонсериските напори на „Лин рекордс“ и во тимска работа со „Бехштајн“ од Берлин успеавме да направиме еден многу убав производ, под водство на исклучителниот германски продуцент и инженер за звук Инго Петри – вели пијанистот.

Албумот носи наслов „Варијации“ и содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани, Моцарт од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки.
– Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен, напишани на своја оригинална тема. Целиот избор на репертоар и насловот „Варијации“ ги поврзав со обединување, обединување на човештвото против злото што го снајде, и е еден убав показател дека музиката е универзален јазик, кој на најчист можен начин може да ги обедини луѓето, како што тоа го направиле композиторите.

Во меѓувреме, концертниот распоред на нашиот пијанист од светски глас полека се враќа во нормала. По настапите во рамките на пролетната серија концерти на Би-би-си во „Вигмор хол“ во Лондон и на фестивалот за класична музика „Мартовски музички дни“ во Русе, Бугарија, по покана од маестро Емил Табаков, Трпчески веќе наредниот месец се враќа со рецитали во Соединетите Американски Држави и презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов, Шкотска. До крајот на овој дел од сезоната тука се и серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на „Македонисимо“, хрватската во Задар и Сплит и северноамериканската во Отава, Канада, повторни гостувања во Пјонгчанг, Јужна Кореја и Чикаго.